„Најдоброто допрва доаѓа“: Трамп на 250-годишнината на САД порача дека започнува „златната ера на Америка“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на САД, Доналд Трамп одржа свечен говор по повод 250-годишнината од усвојувањето на Декларацијата за независност, испраќајќи порака дека САД влегуваат во нов период на национална сила, економски развој и глобално лидерство. Во обраќањето пред илјадници граѓани во Националниот парк во Вашингтон, тој ја величеше американската историја, им оддаде признание на воените ветерани и основачите на државата и порача дека „најдобрите денови на Америка допрва доаѓаат“.

„Вечерва се собравме за да одбележиме една од најрадосните и најславните пресвртници во историјата – 250-годишнината од Декларацијата за независност. Два и пол века нашата американска република стои како најголемото достигнување во човечката историја. Ова е домот на слободата, земјата на слободните и татковината на најневеројатната, најисклучителната нација што некогаш постоела“, рече Трамп на почетокот од говорот.

Тој оцени дека САД денес се „посилни, побезбедни, побогати и погорди од кога било досега“, додавајќи дека американскиот народ во изминатите 250 години направил повеќе добро, покажал повеќе храброст и постигнал повеќе напредок од која било друга нација.

„250 години САД беа надежта, ветувањето, светлината и славата меѓу сите народи во светот. Низ целиот свет се обидуваат да бидат како нас. Никој не може да биде како нас. Со Божја помош, секогаш ќе бидеме уште подобри“, истакна Трамп.

Во централниот дел од обраќањето, тој се наврати на американската револуција и жртвата на основачите на државата, оценувајќи дека нивната храброст е темелот врз кој и денес почива американската демократија.

„Нашите татковци-основачи ја собраа храброста на гиганти и мудроста на вековите за да ги прогласат безвременските вистини – дека сите луѓе се создадени еднакви, дека се обдарени од Создателот со неотуѓиви права, меѓу кои се животот, слободата и стремежот кон среќата. Потпишувајќи ја Декларацијата, тие ризикуваа сè и извојуваа победа за сите времиња“, нагласи Трамп.

Американскиот претседател порача дека слободата мора постојано да се брани и дека американската историја покажува оти земјата никогаш не се откажала од своите вредности.

„Американците никогаш нема да дозволат некој да ни ја одземе слободата. Ние сме историски и херојски народ, создаден од храброста, огнот, телото и крвта на најдобрите и најсмелите луѓе што светот некогаш ги создал“, рече тој.

Трамп посебно ја истакна важноста на американскиот Устав и основните права што, според него, ја издвојуваат земјата од останатиот свет.

„Нашите основачи не само што ја изборија слободата, туку ја обезбедија со најправедниот политички документ што некогаш бил создаден – Уставот на Соединетите Американски Држави. Благодарение на нивниот гениј, и по 250 години ние сè уште имаме слобода на говорот, слобода на вероисповедта, еднаквост пред законот и право да носиме оружје“, нагласи претседателот.

Во говорот тој ја потенцираше и улогата на американската воена моќ и технолошкиот развој, оценувајќи дека земјата повторно е светски лидер.

„Американскиот сон се врати – посилен од кога било. Денес нашата војска е помоќна отколку кога било претходно. Наскоро повторно ќе се вратиме на Месечината, а потоа ќе одиме и на Марс. Ќе продолжиме да бидеме далеку пред сите други“, рече Трамп.

Во завршницата на обраќањето, американскиот претседател испрати порака дека Америка, и покрај своите 250 години, всушност се наоѓа на почетокот на ново историско поглавје.

„Можеби сме најстарата уставна република на светот, но нашата земја штотуку започнува, затоа што најдоброто допрва доаѓа. Ова е само зори на златната ера на Америка. Ќе ја направиме нашата држава поголема, подобра, посилна и ќе ја сакаме повеќе од кога било“, порача Трамп, завршувајќи го говорот со зборовите: „Бог да ве благослови сите.“

Прославата на американскиот јубилеј беше проследена со свечена програма, историски знамиња од различни периоди на американската историја, настапи на воени ветерани, астронаути и добитници на највисоките воени одликувања, како и огномет над Вашингтон, со што беше заокружено одбележувањето на четврт милениум од американската независност.