Мерките и препораките новогодишната ноќ да се помине во домашна атмосфера и без многу собирања придонесе драстично да се намали бројот на повредени но и на лица кои поради алкохол завршиле на Токсикологија. Министерот за здравство Венко Филипче е задоволен од почитувањето на мерките но и малиот број интервенции.
„Навистина мирна ноќ за дежурните екипи споредено со претходните години. Десетина прегледи и приеми во Ургентниот хируршки центар, споредено со 30-40 изминатите и десетина на Клиниката за токсикологија кој што на еден начин е ургентен интернистички центар исто така многу помалку споредбено со 30-ина кои што биле примени изминатите години што значи дека навистина се почитувале мерките да нема прослави да нема групирање и тоа е една голема заслуга и на граѓаните.“, рече Филипче.
Задоволен од состојбата со малиот број алкохолизирани е и директорот на Клиниката за токсикологија Ридван Бајрами, рече дека граѓаните главно се придржувале кон мерките. Само еден од нив бил на 67 годишна возраст, претежно биле млади до 22 години, а најмладиот примен на Клиниката имал 16 години.
„Во текот на новогодишната ноќ имаше 10 пациенти алкохол ни интоксикации акутни, кои сите беа згрижени и пуштени дома. Од тие пет се жени и пет се мажи, а од сите 10, шест беа малолетници исто беа третирани и пуштени дома. Една имаше акутна со наркотици, исто третиран, од друг град и беше пуштен дома.“, изјави Ридван Бајрами.
Во однос на пречекот на минатата 2020 година, за прославата на новогодишната ноќ, дури 29 лица завршија на токсикологија, а претходната 2019 27 алкохолизирани лица побарале помош на Токсикологија.
