Најмалку 27 лица загинаа откако руски напад со дрон предизвика голем пожар и експлозии во магацин во текот на ноќта, соопштија локалните власти.
Тимур Ткаченко, шеф на Воената администрација на Киевската област, изјави дека во нападот во селото Мила биле повредени најмалку 42 лица, меѓу кои и четири деца. Од областа биле евакуирани 381 лице.
„Нападот предизвика пожар од големи размери. Пожарот се прошири и на приватни станбени објекти. Пожарите во пет куќи и еден објект за прехранбени производи веќе се изгаснати“, напиша Ткаченко во објава на Телеграм.
Тој додаде дека пожарот бил „проследен со експлозии“.
Екипите на итната помош и спасувачките служби продолжуваат со работата на местото на несреќата.
Канцеларијата на главниот обвинител на Украина соопшти дека е започната прелиминарна истрага за можна „небрежност“ во однос на условите за складирање во магацинот.
„Особено ќе се проверува законитоста на поставувањето и складирањето на експлозивни предмети и материјали на територијата на компанијата, достапноста на потребните дозволи и одобренија, како и постапувањето на службените лица кои ги донеле соодветните одлуки“, се наведува во соопштението.
Видео снимките кои кружат на социјалните мрежи, а наводно се направени во близина на местото на настанот, прикажуваат голема експлозија и огнена топка која се издига на ноќното небо.
