Најверојатно ќе треба и трета доза вакцина – Филипче: Вакцината не штити целосно, но го намалува ризикот од смртност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Смртноста од корона вирусот достигна над 6 илјади, но министерот за здравство Венко Филипче вели дека ваквата бројка е последица од тоа што најголемиот број од пациентите се невакцинирани или доцна доаѓаат во болница. Сепак она што особено загрижува е тоа што се повеќе млади луѓе заболуваат, но особено поради фактот што во последно време и кај нив се зголемува смртноста. Се прави ли контрола како се лекуваат пациентите?

„Ние точно знаеме како се лекуваат сите пациенти. И сите се лекуваат по соодветен протокол, со најмодерните лекови, нема недостаток на ниту еден лек. Најголем број од пациентите во болниците, и тоа е проблемот, се невакцинирани, 80 и нешто проценти, околу 9 проценти од смртните случаи се вакцинирани. Меѓутоа, тоа се пациенти кои што навистина имаат тешка состојба, имаат сериозни коморбидитети и иако лекувани по сите тие стандарди, за жал не може да им се помогне“, рече Филипче.

Вакцината не штити целосно од заболување со корона вирусот, но има сериозно влијание во тоа заболениот да нема сериозни последици, вели министерот Филипче. Тој истакна дека најверојатно ќе биде потребна и трета доза вакцина.

„Никогаш никој никаде во светот ниту пак ние сме кажале дека вакцината целосно штити. Кажуваме дека штити и сериозно го намалува ризикот од тешка форма на болеста и неколкукратно, според студиите 20 пати, го намалува ризикот од смртен исход. И тоа треба да е мотивација за граѓаните. Сите испитувања досега одат во насока дека најверојатно трета доза ќе биде потребна но чекаме тие наоди да се официјализираат“, рече Филипче.

До вчера со прва доза вкупно се вакцинирани нешто повеќе од 741 илјада, а ревакцинирани се над 564 илјади граѓани. Филипче информира дека во моментов има доволно вакцини и тоа околу 300 илјади дози од Астра Зенека, Фајзер и Синовак. За новата варијанта на вирусот, таканаречена Му, Филипче вели дека тоа воопшто не е за изненадување бидејќи овој вирус има тенденција да мутира, но се уште се нема доволно информации за карактеристиките на овој варијација.