Наместо на училиште, децата остануваат на улица – нема политичка волја за отворање на паралелка во Брњарци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Основците од селото Брњарци не седнаа во школските клупи. Тие останаа низ селските улици бидејќи не е дозволено отворање на албанска паралелка во училиштето „Крсте Мисирков“. Родителите бараат да се отвори оваа паралелка, бидејќи училиштето кое се наоѓа на само неколку метри од нивните домови има доволно простор.

-Ќе ја бојкотираме наставата сѐ додека не го решиме проблемот. Сакаме да отвориме паралелка тука во Брњарци бидејќи има само 4 ученици Македонци, а ние имаме 60. Нашите деца патуваат по 4 километри-вели Фетаху.

Н: Зошто не дозволуваат да се отвори паралелката?
-Тие се жалат дека нашите деца прават проблем. Па каков проблем можат да направат деца од прво одделение?

-Четири километри има од тука до училиштето. Не можат да одам до таму, има многу кучиња, можат да ги нападнат. Нема кој да ги води. Автомобили немаме за да ги носиме секој ден. Срамота е деца од прво одделение да патуваат по четири километри. Државата треба да преземе мерки.

Според родителите, потребна е волја од општините Гази Баба и Арачиново.

-Ова нам ни лични на театар со нивни игри. Кога доставуваме барања до о.Арачиново, тие велат дека тоа е во надлежност на о.Гази Баба. Кога испраќаме барање до о.Гази Баба, велат дека е во надлежност на о.Арачиново. Нашите деца наидуваат на проблеми, затоа бојкотираме. Разбирам дека децата ќе заостанат со образовно-наставниот процес, меѓутоа ние нема да ги пуштиме на училиште.

Директорот на ОУ „Ѓерѓ Кастриот-Скендербеу“ во Арачиново вели дека додека општините не преземат мерки, учениците се тие кои стагнираат и губат од настава.

-Еден час да изгубат учениците е многу. Тие со денови изостануваат. Ние не знаеме, чекаме одговор од градоначалникот, тој е надлежен-вели Азам Акики.

Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски вели дека досега не добил ниту една писмено барање за отворање паралелка на албански јазик во училиштето „Крсте Мисирков“. Вели дека било разговарано само за обезбедување превоз кој ќе ги носи децата до училиштето „Ѓерѓ Кастриот-Скендербеу“ во Арачиново.

-Немаме ниту едно барање за отворање паралелка на албански јазик во Основното училиште „Крсте Мисирков“. Можам само да кажам дека има политичка волја за обезбедување превоз за учениците од Брњарци до училиштето „ Ѓерѓ Кастриот Скендербеу“-рече Георгиевски.

Градоначалничката пак на Арачиново, Миликије Халими не одговори на нашите повици. Од Министерството за образование велат дека овој проблем треба да го решат општините и дека прашањето не е во надлежност на МОН.