Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и официјално ја извести нашата земја дека сите членки на алијансата го потпишале протоколот за нашето зачленување. Во писмото што до премиерот Оливер Спасовски беше адресирано Столтенберг пишува дека земјите членки на алијансата ја известиле американската влада дека тие го прифатиле и ратификувале протоколот за пристапување на Македонија во НАТО ратификуван на 6 февруари 2019 година, со што протоколот стапил на сила.
„Во име на сите земји членки, чест ми е да ве известам и да ви ја упатам поканата да му се придружите на Северноатлантскиот договор. Во согласност со членот 10 од Северноатлантскиот договор, Република Северна Македонија станува полноправна членка на НАТО со денот на депонирањето на пристапниот инструмент во Владата на Соединетите Американски Држави. Дозволете ми да ја искористам оваа пригода и да го изразам моето задоволство, како и задоволството на сите земји членки на НАТО, во однос на претстојното пристапување на Северна Македонија во Алијансата“, наведува Јенс Столтенберг.
Спасовски најави дека во најскоро време во Вашингтон ќе биде испратен и нашиот документ за ратификација и со тоа Македонија ќе стане 30-та земја членка на НАТО. Шефот на државата информираше дека го потпиша Инструментот за пристапување на земјава кон Северноатлантскиот сојуз откако претходно е парафиран од министерот за надворешни работи Никола Димитров.
„Со овој документ јас како претседател на државата свечено изјавувам дека Република Северна Македонија пристапува кон Северноатлантскиот договор и се обврзува посветено да ги извршува и спроведува сите одредби содржани во овој договор. Почитувани граѓани ова е последниот политички чин со кој нашата земја и формално станува членка на НАТО алијансата. Нека ни е со среќа“, вели Стево Пендаровски.
Приемот на Македонија во НАТО требаше да се случи на свечен начин на 23 овој месец во Американскиот Стејт Департмент кога државниот секретар Мајк Помпео и генералниот секретар на НАТО Столтенберг требаше да го примат пристапниот протокол од македонската делегација и со тоа да се официјализира членството во алијансата. Во седиштето на НАТО во Брисел требаше да има и свечено подигнување на македонското знаме, но поради состојбата со корона вирусот сите настани се откажани. Веќе во неизвесност е доведено и одржувањето на Советот за општи работи закажан за 24 март, па затоа се размислува советот да се одржи он-лајн.
