Со презентирање на материјални докази продолжи денеска судскиот процес за нападот врз секретарот на бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“ кој од вечера и официјално е избришан од регистарот на здруженија.
На судењето повторно не се појави оштетениот Христијан Пендиков, а неговиот адвокат рече дека тој е на дополнителни здравствени прегледи и се надева дека тој ќе биде присутен на следното рочиште.
Во судница се гледаше и снимка од безбедносните камери, на кои се гледа како две лица го удираат Пендиков, по што доаѓа уште едно лице кое не се вклучува во нападот.
„Христијан Пендиков ќе се појави секако, кога ќе му заврши лекувањето. Сега е во подобра здравствена состојба. На видео записот се виде како две лица тепаат едно лице, кои се лицата треба допрва да се утврди, впрочем постапката е токму за тоа, да се утврди вистината што се случило на критичниот настан. Кои лица го претепале кое лице“, вели Стефан Карамишевски.
„Сметаме дека во никој случај тој нема ништо против бугарскиот народ и против Бугарите, затоа што овде се створи една фама, оти што било направено било направено од причини тој што бил тепан наводно се чувствувал како Бугарин“, вели Димитрија Кобоски.
Обвинителството рече дека има докази и дека ќе го докаже обвинението дека Христијан Пендиков е нападнат поради неговата определба како Бугарин.
Од друга страна одбраната го предложи таткото на обвинетиот како дополнителен сведок, додавајќи дека семејството нема омраза кон ниту една нација, нагласувајќи дека за време на трагичната бродска несреќа со бугарски туристи, токму таткото на обвинетиот помагал за спасување, по што од бугарската Влада добил благодарница и орден.
Следното рочиште е закажано за 31-ви мај. Јовица Пауноски, Охрид.
