Иако брои околу три илјади куќи и е една од најголемите населби во Тетово, населбата „146“ и понатаму се соочува со недостиг на вода за пиење.
Во услови на високи температури, жителите се обврзани да полнат вода од јавни чешми, додека за хигиенски потреби користат вода од планинските потоци на Шар Планина.
-Имаме вода, но е матна, имаме матна вода. Има еден час, десет нема. Во овие температури, замислете како сме. Се надеваме дека ќе се реши проблемот со вода бидејќи ни ветија, но дали ќе се реши не знаеме. Работите започнаа, но дали ќе продолжат или не, тоа не знам, вели жител.
Населбата нема вода за пиење. Полниме од бунари, цистерни, се мачиме веќе 25 години по ред. Велат дека работат и се обидуваат да ја снабдат населбата со вода за пиење.
Воопшто немаме, многу слабо, нема воопшто вода за пиење мораме да полниме со кофи од вир, водата е нечиста, катастрофа. Полниме кај „Арабати“, таму е проблематично, велат дека работат но не знам. Мислиме, но никогаш, секогаш лажат, сите лажат. Веќе 31 година носам вода со буриња, се бањам со кофа. Срамота!
Градоначалникот на Тетово, вети решение до есен. Признава дека теренот е тежок, но дека работите се во тек.
-Се работи интензивно. Во моментов, во општина Тетово се реализираат над пет проекти. Во ваква состојба не водиме кампања, и ако сакате, може заедно да одиме и да ги видите работите што се вршат, но теренот е навистина несоодветен и работите не се одвиваат според посакуваното темпото. Но, во моментот додека зборуваме на терен во тек е работа, и верувам дека наскоро и овој водовод ќе биде во употреба за жителите на населбата 146, изјави Биљал Касами, градоначалник на Тетово.
Инаку, овој проект со години е ветуван од сите претходни градоначалници на Тетово.
