Насилство, туркање, погрдни зборови и вандализам низ скопските улици, поради револтот за францускиот предлог. Демонстрантите го нападнаа законодавниот дом. Маскирани успеаја да ја пробијат заштитната ограда и со камења ги нападнаа полицајците.
Полицијата во контра-напад.
Освен директните напади врз полициските службеници, демонстрантите оштетија и неколку институции – зградата на Собранието и на МНР.
Повредени се 47 полицајци, а 11 демонстранти се приведени, од кои двајца адолесценти.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со неговиот заменик, Назим Буши утрово ги посетија повредените службеници. Спасовски вели дека синоќешниот настан наликувал како на оној од 27 април.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери на Фејсбук извести за причинетата штета во внатрешните собраниски простории и остро го осуди синоќешниот напад врз храмот на демократијата.
„Последиците од синоќешното дивеење пред Собранието. Признавам и поддржувам сечие право на протест, на искажување став. Постојано и силно осудувам хулиганство, насилство, поттикнување на омраза, зашто тие не се решение“, вели Талат Џафери.
А поради тензичната ситуација, шефот на државата Стево Пендаровски синоќа го одложи интервјуто на ТВ21.
„Вечерашното интервју на ТВ21 го одложивме поради тоа што околу телевизијата која се наоѓа во непосредна близина на Собранието беше воспоставен посебен сообраќаен режим“, посочи Стево Пендаровски.
Првиот човек на МВР, Спасовски рече дека има информации дека и вечерва се очекуваат насилни протести.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека насилството синоќа било исценирано од власта. Додаваат дека зад маскираните луѓе стојат Спасовски и Зечевиќ.
Од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш повикаа на протести пред Влада, за потоа да продолжат кон МНР и да завршат пред Собрание.
