Наскоро дебата за уставните измени – Лога: Треба да се направат и други измени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Прашање на денови е кога ќе се формира работната група за изготвување на уставните амандмани за вметнување на Бугарите во Уставот, изјави министерот за правда Кренар Лога. Тој соопшти дека дел од уставните измени ќе бидат и некои други спорни прашања, но додаде дека приоритет останува преамбулата и вметнување на Бугарите во Уставот.

„Да може да се работи во делот на уставните измени, поврзано не само со преамбулата, туку и други отворени прашања, како што е делот на институционалниот вакуум. Тоа што се случи со г. Тупанчевски и со мене, каде од причини што немаше кој да потпише, остана еврообврзницата непотпишана, но и деловите кои беа детектирани во текот на пандемијата, каде Собранието кое беше распуштено не можење да се собере за да донесе други одлуки, а и тоа што јас го барав и на владина седница, делот за учество според работната позиција на министерот во Судскиот совет, без право на глас, да се повлече“, вели Кренар Лога.

Лога рече дека очекува опозицијата да биде дел од работната група бидејќи ќе има и други делови кои треба да се менуваат, како што ги спомена измените во Изборниот законик, реформите во правосудниот систем и во други области. Но, како ќе се убеди ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени, шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека партиите го злоупотребуваат ова прашање само за партиски цели, а не за интерес на државата, бидејќи според него ВМРО-ДПМНЕ нема никаков аргумент зошто се против.

„Мислам дека овие комуникации на земјите-членки, сериозни партнери кои го гарантираат кредибилитетот на процесот, кои стојат како што реков со германскиот министер како бранители на нашите интереси во Европа ќе го убедат и општото мислење и политичките партии и никој не смее да ја стави државата во изолација во следните 10 години во услови кога се нуди брзиот пат на регионот кон ЕУ поради работите што ги спомнавме. Ќе биде многу тешко да се притисне црвеното копче“, порача Бујар Османи.

Во меѓувреме, вчера ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повтори ставот дека не гласаат за уставните измени, предизвикувајќи ја власта да ги стави овие измени на дневен ред во Собранието и да се види кој ќе гласа за и против. Македонија мора да ги донесе уставните измени до крајот на оваа година, поточно во ноември кога се очекува да заврши скрининг процесот.