Наставничка во Германија речиси 17 години била на боледување, но примала целосна плата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Наставничка од германскиот град Дуизбург е под истрага на обвинителството под сомнение за измама, откако речиси 17 години непрекинато била на боледување, а во истиот период продолжила да ја прима целосната плата, објавува весникот „Велт“.

Обвинителството покренало постапка против неа откако било откриено дека, иако била државна службеничка, во текот на овој период не одржала ниту еден час настава, но продолжила да ја добива целата плата.

Поради тоа, регионалната администрација наредила нејзино присилно пензионирање. Наставничката ја оспорува одлуката и поднела тужба до Управниот суд во Диселдорф, барајќи да продолжи да ја добива целосната плата што ја примала како активна државна службеничка, наместо редовната пензија, која во нејзиниот случај би изнесувала околу 4.000 евра месечно.

Обвинителството бара затворска казна и враќање на 248.000 евра, за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати.

Дополнително внимание на истражителите им привлекла и нејзината приватна деловна активност. Иако официјално била прогласена за целосно неспособна за работа, таа водела приватен бизнис со козметички производи, за кој дури добила и награда за претприемништво.

Случајот предизвикал реакции и поради недостигот од наставници во Дуизбург. Градот со години се соочува со сериозен недостиг на наставен кадар во своите 128 училишта, во кои учат околу 70.000 ученици.

За да привлечат нови наставници, локалните власти организираат специјални кампањи што вклучуваат организирани разгледувања на градот и поволности, како што е бесплатно сместување за одреден период.