Фондот за здравствено осигурување откри неправилности при контролата на боледувањата на вработените во Министерството за внатрешни работи, информираше директорот Сашо Клековски. Според него, 29 од 80 контролирани лица искористиле вкупно 236 боледувања, од кои 100 биле оценети како издадени на неправилен начин.
„Кај 29 од 80 контролирани лица има неправилности при доделувањето боледувања, што е околу 37 проценти од контролираните лица. Околу 100 боледувања од вкупно 514 се неправилни, односно околу 19,5 проценти од вкупниот број контроли“, вели Клековски.
Клековски изјави дека овие вработени повеќепати во текот на годината ги менувале матичните лекари, кои одбивале повторно да им издадат боледување. Тој нагласи дека биле контролирани вкупно 105 здравствени установи, матични лекари, гинеколози и стоматолози.
Како најчести дијагнози за користење боледување биле наведени болести на респираторниот систем, мускулно-скелетниот систем, сврзното ткиво и дигестивниот систем.
„Од овие 29 контролирани здравствени установи, 27 од општата медицина и две од гинекологија издале неправилни боледувања; три специјалисти од три јавни здравствени установи исто така издале неправилни боледувања, а две првостепени комисии имале пропусти при нивното одобрување“, изјави Клековски.
За утврдените неправилности изречени се казни во износ од 1,2 милиони денари за приватни и јавни здравствени установи.
Инаку, контролата во МВР била спроведена по барање на самото министерство.
