Назначување на Османи за координатор на Чаир – Селими: Го фрлија во оган

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Доколку информацијата дека Бујар Османи е назначен за координатор на огранокот во Чаир е точна, тогаш со оваа постапка ќе ескалира уште повеќе конфликтот меѓу ДУИ и Огнената група, смета политичкиот аналитичар Сефер Селими. Тој додава дека според некои информации во следниов период може да дојде и до отстранување на Огнената група од важни функции во партијата.

„Тогаш останува огнената група или фракција да го прифати секој услов и одлука на Али Ахмети без никаков сомнеж и без да ја оспорува воопшто и со погазено достоинство да се врати на маргините на партијата или ќе значи дека овој конфликт ќе достигне кулминација и можеби ќе имаме конечно раздор меѓу групата и партијата“, вели Сефер Селими.

Евентуалното одвојување на огнената група од матичната партија, не само што ќе и нанесе голема штета на партијата во однос на собирањето гласови на следните избори, туку ќе предизвика и дефакторизација на албанскиот глас, додаде Селими.

„По мое мислење доколку ова несогласување и овој конфликт ескалира до издвојување на оваа група, ќе имаме целосна дефакторизација на Албанците каде секое маало ќе има своја партија и нормално да се дели и со фрагментирани гласови, и учеството во Влада ќе биде фарса, ќе биде без потребната тежина за да се влијае на политиките на државата и ќе биде како што вели самиот Али Ахмети “Влези Исуф излези Ќамил“, додава Сефер Селими.

Според Селими, доделената задача на Османи е замка. Објаснува дека кога почна конфликтот во ДУИ, незадоволството на „огнените“ беше за Османи и Груби. Со тек на време Огнената група го исклучи Османи од протагонизмот поради важноста на неговата улога како министер за надворешни работи во овој период.

„Со назначувањето за координатор на огранокот Чаир, секогаш велиме – доколку се потврдат овие информации, тоа би значело дека на некој начин го фрлаат среде оган на конфликтот и тоа додатно ќе го отежни извршувањето на неговите активности како владин функционер или министер за надворешни работи“, додава Сефер Селими.

Селими оценува дека тоа е непотребен луксуз Османи да биде координатор на огранокот Чаир, бидејќи во наредниот период земјата влегува во важна фаза за членство во ЕУ, а тоа се уставните измени, процес на кој Османи треба да биде фокусиран.