НБРМ со мерка го заштити менувачкиот пазар – менувачниците ќе можат да купуваат евра од банките

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Јас лично ги кривам банките. Они треба да пуштат евра. На пример некој сака да купува стан и сака од банка да повлече евра, они нема да му дадат евра, туку денари. И ќе земат два милиони, три милиони денари и ни доаѓаат да ги заменат“, вели сопственик на менувачница.

Дел од сопствениците на менувачниците остро реагираа што според нив банките не продаваат евра, туку денари. По една недела Народна Банка донесе мерка да го заштити менувачкиот пазар.

„Со измени и дополнувања на Одлуката за менувачки работи, усвоени од Советот на Народната банка, се овозможува овластените менувачници, при евентуален недостиг на ефективни странски пари – евра, да се снабдуваат од банките, преку склучување договор со банката. Сепак, да нагласиме и дека според последните расположливи податоци менувачниците располагаат со девизи“, велат од Кабинетот на гувернерот.

За да се спречат какви било шпекулации околу девизниот курс, се воспоставува лимит до коj може тој да се движи, водејќи се од курсот по кој менувачниците ги купиле еврата од банките. Со тоа се обезбедува заштита на граѓаните и во однос на цената по којашто ќе може да купат евра од менувачница, доколку имаат потреба. Таа се презема за да се избегнат фиктивните притисоци на менувачкиот пазар кај овластените менувачи објаснуваат од Народна банка.

Ваквата одлука на Народна банка ја поддржуваат и од Македонската банкарска асоцијацијата:

„Членките на Македонската банкарска асоцијација ги поддржуваат измените и дополнувања на Одлуката за менувачки работи кои Советот на Народната банка ги усвои, во насока на спречување на шпекулациите околу девизниот курс и вознемиреноста на граѓаните во врска со можноста за купување ефективни странски пари ‒ евра на менувачкиот пазар“, велат од МБА.

Курсот на денарот е стабилен и ќе биде стабилен, за што гарантира Народната банка. Девизните резерви се на стабилно и високо ниво од 3,5 милијарди евра. За оние кои сакаат да купат девизи, девизи на пазарот има велат од НБРМ.