Владејачкото мнозинство во Собранието не го поддржа предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Владата по скратена постапка, со кој се предвидуваше членовите на Владата да имаат исклучиво само државјанство на Северна Македонија, пренесува TВ21. За предлогот на СДСМ гласаа 20 пратеници од опозицијата.
Од СДСМ по гласањето соопштија дека уште еднаш се потврди дека ВМРО-ДПМНЕ „е партија полна со функционери со бугарски пасоши“.
„Одбија да го прифатат предлог-законот на СДСМ, за министрите, вицепремиерите и министрите во Владата да не може да имаат двојни државјанства“, се вели во реакцијата на партијата.
„Имаме Влада полна со функционери, министри, сите со бугарски пасоши и бугарски државјанства“, истакнаа од СДСМ, обвинувајќи ги функционерите на ВМРО-ДПМНЕ дека поседуваат бугарски пасоши додека го блокираат европскиот пат на Македонија и создаваат тензии со Бугарија.
Законското решение претходно го објасни координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, кој рече дека амандманите се предложени по скратена постапка и се поврзани со иницијативи за измени на Законот за пратеници.
„Со оглед на тоа што таков услов се поставува и во Законот за пратеници, односно пратениците во македонското Собрание можат да бидат исклучиво државјани на Република Северна Македонија, тогаш, сходно на тоа, треба да имаме едно вакво законско решение со кое практично ќе ограничиме исклучиво и единствено само државјани на Република Северна Македонија да можат да бидат избрани за членови на Владата“, истакна Спасовски.
Спасовски додаде дека граѓаните очекуваат највисоките државни функции да ги извршуваат лица кои имаат само макеоднско државјанство.
„Гледате дека има добар дел граѓани кои сметаат дека носењето на вакво законско решение би било исправно во овој момент, членовите на Владата, оние што се обврзуваат дека ќе им служат на граѓаните, да бидат исклучиво државјани на државата на која ѝ служат“, рече Спасовски.
Тој исто така нагласи дека во јавноста веќе се покрена прашање за странски државјанства на неколку членови на Владата.
