Петти ден штрајк на вработените во Управата за водење на матичните книги. Бараат покачување на платите за 30% и уредување на работниот статус. Тони Милошевски од Независниот синдикат на Управата, кој ги посети вработените во Тетово вели дека нема да го прекинат штрајкот, и покрај тоа што, како што уверува, се соочуваат со притисоци и закани како од Управата, така и од партиите.
Насер Џемаили, вработен во подрачната единица во Тетово, вели дека тука има луѓе со по 15 години работни искуство кои земаат плата под минималната. Џемаили им се извини на граѓаните поради тоа што не нудат услуги, додавајќи дека со 15 илјади денари тешко се издржува семејство.
„Има многу колеги кои земаат плата под минималец. Повеќето вработени кои веќе 15 години немаат покачување земаат минимална плата и се млади референти. Ние го поддржуваме штрајкот, бидејќи има потреба. Со 15.000 денари не можеме да ги издржуваме нашите семејства и ќе продолжиме да го поддржуваме штрајкот сѐ додека не се реализираат нашите права. Има притисоци, не можам да кажам дека нема, но ние ќе продолжиме бидејќи имаме права и не можат да нѐ спречат“, вели Насер Џемаили.
Во земјава има околу 500 вработени во Управата за водење на матичните книги, која е во рамките на Министерството за правда. Веќе пет дена не се издаваат изводи на родени, на умрени и на венчани, а се работи само на итните случаи, односно само доколку граѓаните имаат потреба од извод за лекување во странство.
