35-годишник од Скопје е најмладата жртва меѓу 35 пациенти кои починаа од Ковид-19, покажува извештајот на Министерството за здравство. Во изминативе 24 часа се регистрирани 23 смртни случаи, а 12 пациенти кои битката со коронавирус ја изгубиле минатиот месец, се пријавени со задоцнување од системот „Мој Термин“, вели Шабан Мемети директор на Институтот за јавно здравје каде се обработуваат податоците. Мемети додава дека не се манипулира со бројките, бидејќи како што објаснува, државата нема никаков интерес да има висок број починати.
-Не можеш да додадеш смртен случај, ниту индивидуа како да починала во одреден град. Ова е многу сериозно, државата не може да ја зголеми смртноста за да земе донации, апсурдно е ако некој мисли така.
Доколку не се вакцинирани, пациентите можат да завршат фатални и од сојот омикрон, вели Мемети.
-Случаите со Омикрон, а кои не се вакцинирани ќе имаат одредена клиничка слика, има случаи со смртност и од Омикрон. Тука сакам да ја истакнам вакцинацијата, улогата на вакцината во заштитата и безбедноста од Ковид 19.
Во соработка со другите институции, директорот Мемети вели дека покренале иницијатива за детална студија за пациентите кои починуваат од коронавирус, односно – кои се вистинските причини и зошто бројот на жртвите останува висок?!
-Анализата треба да ја опфати секоја смртност, секој смртен случај од Ковид, придружните болести во детали и која е суштината од што починал човек.
ТВ21: Значи иницирано е, но колку време ќе трае студијата две-три или повеќе недели?
Ова е студија и зависно од податоците и соработката што ќе ја имаме во овој случај, ИЈЗ со Центарот за јавно здравје и соодветните болници, ништо друго.
Судејќи по анализите на епидемиолозите, пикот од овој бран се очекува да почне да се ублажува од 10 февруари. Според последните податоци, во нашата земја како резултат на Ковид-19 починале 8.444 граѓани.
