Не се почитуваат протоколите, нема свадби! Повеќето од хоспитализираните пациенти во Тетово биле на прослави

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Повеќе од половина од пациентите кои завршија во Ковид центарот во Тетово присуствувале на свадби и забави, покажуваат епидемиолошките анкети. Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека најкритична е ситуацијата во градот Тетово каде во инфективната болница се хоспитализирани 45 пациенти. Сите тие кои имаат тешка клиничка слика се праќаат во Скопје. Бројот на хоспитализирани расте во сите градови. Вкупниот број на хоспитализирани пациенти е околу 150, а од вкупниот број на хоспитализирани во болниците, под 10 % се вакцинирани пациенти со две дози и ниту еден не е во критична состојба.

Главната причина за растот на бројот на заразени е непочитувањето на протоколите, вели Филипче. Затоа, Владата одлучи од 16 август целосно да се забранува организирањето на настани во затворен простор.

Бројот на заразено со Делта сојот се зголемува и во земјите од регионот, рече Филипче, додавајќи дека вакцината останува единствениот механизам со кој можеме да ја смениме ситуацијата со коронавирусот. Инаку, во моментов во земјава има околу 400 илјади дози вакцини, при што Филипче апелираше за помасовна вакцинација, додавајќи дека не можеме да живееме со рестриктивни мерки.