Во Тетово се уште не се знае колку кучиња скитници досега се заловени. Го прашавме градоначалникот на општина Тетово, но тој рече дека во наредните денови ќе се сретнат со здружението Амос Пет, кое се занимава со третман на кучиња.
-Ја следиме работата на Здружението. Ангажиравме експерти кои ќе ја надгледуваат работата на здружението во наредните денови. Закажавме средба со здружението на која ќе го презентира извештајот до каде е работата и како се одвива. По средбата ќе имаме и презентација пред јавноста за да покажеме до каде се работите за реализација на договорот во однос на кучињата скитници, вели градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами.
Касами додаде дека се погрижил тендерската постапка да биде во ред, а за работата на здружението ни рече да се обратиме кај нив.
-Нас нè интересира целиот процес да биде во согласност со законот. Тендерската постапка се врши врз основа на законот. Следно, што прави здружението со кучињата скитници, треба да разговарате со нив. Нашата процедура е да ја направиме процедурата законска и да следиме дали се собираат кучињата според договорот, а што прават со кучињата потоа тоа е нивна работа, додаде Касами.
На 23 септември отидовме во здружението Амос да прашаме колку кучиња се фатени досега во Тетово и дали е поднесен извештај до општината, но одговор не добивме.
Инаку, општините од полошкиот регион разговарале за формирање на регионален центар за третман на кучињата скитници, а ист таков се очекува да се изгради и во општина Врапчиште.
