Не сме пазарџии да се ценкаме за проценти, туку според Колективниот договор има точно пропишани барања, порачаа група просветни работници од Битола кои штрајкуваа и побараа оставка од претседателот на СОНК.
„Ние тука сме собрани група на наставници кои имаме неколку барања меѓу кои, оставка на Јаким Неделков од челната позиција на СОНК со цело раководство, формирање на ново раководство кое ќе ги продолжи преговорите со владата со оставрување на нашите конечни барања според Колективниот договор“, истакна просветен работник.
Три недели сплотеност на наставниците од цела земја Неделков ги фрлил во вода според нив. Додаваат дека тие не се марионети како што ги нарекува тој.
„Не може на трета недела од штрајк тој да повикува на процес на помирување да се повикува на законски акти коишто се донесени неодамна. Ние на бараме ништо плус од исполнување на ветеното т.е. исполнување на тој колективен договор кој го имавме потпишано и СОНК и Владата“, вели Благој Гацоски.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков смета дека протестите на наставниците имаат за цел да го разбијат единството на СОНК и не доликуваат на просветни работници.
„Непријатно и жално е што најобразованите луѓе во државата дозволуваат да бидат изманипулирани или неинформирани. Вакви протести и упади во просториите на СОНК не личат на просветни работници. Многу е полегитимно нивните права да ги побараат во рамките на организaција, а не да вршат ваков притисок врз раководството. Вакви неидентификувани собирања на кои не го знаеме организаторот не водат кон ништо. Тоа е обид за разбивање на единството на СОНК“, посочи Јаким Неделков.
Адвокатот Јоанидис вели дека паметно постапиле СОНК со активирање на помирувачот, бидејќи трошоците за плати ќе требало да ги сноси СОНК доколку продолжи штрајкот. Го прашавме дали е законски откако ќе почне штрајкот да се вклучи помирувачот.
„Секогаш олеснувач може да се вклучи. Може да го вклучи било Владата, било СОНК. Пред да почне штрајкот, кога се става во мирување, бидејќи без разлика кој го ангажирал мисли на двете страни“, вели Јован Јоанидис.
Адвокатката Мимоза Салтирова смета дека помирувачот е нелегитимен, бидејќи мора да се запази хронологија. Прво се носи одлука за штрајк, известување за помирување кое се доставува до МТСП, се бира помирувачот или се доделува од страна на Министерството како што е во конкретниот случај и доколку не успее помирувањето се оди кон крајната фаза, штрајк.
„Согласно став 3 од истиот челн од Закон за работни односи 236 вели дека штрајкот не смее да започне пред завршување на постаката за помирување. Сето ова е во корелација со член 18 и член 19 од Законот за мирно решавање на работни спорови… Тука во конкретниот случај се измешани работите и оваа постапка за помирување е нелегитимна.“, вели Мимоза Салтирова.
Тоа што продолжи наставниот процес не значи дека ги прифатиле понудените 12 проценти. Така одлучило поголемиот дел од членството на СОНК и на некој начин повторно се на почеток на преговорите, вели Неделков.
