Нов бран дојави за бомби предизвика евакуација на патници и активирање безбедносни протоколи на неколку европски аеродроми. Речиси 200 патници од авион на „Виз Ер“, кој летал од Милано кон Букурешт, биле евакуирани по добиена закана за поставена бомба, објавува хрватски „Јутарњи лист“.
Авионот на летот WMT3064 безбедно слетал на меѓународниот аеродром „Анри Коанда“ во Букурешт во 11:08 часот по локално време. По слетувањето, патниците биле евакуирани, а аеродромските служби ги активирале итните процедури во координација со надлежните државни институции.
Авионот го проверува специјализиран тим за отстранување експлозиви на Романската разузнавачка служба (SRI), со цел да се утврди дали заканата е реална.
Според Би-Би-Си, неколку други летови низ Европа биле пренасочени или биле под засилени безбедносни проверки по слични дојави.
Меѓу нив бил и авион „Ербас А320“ на „Ер Лингус“, кој летал од Даблин кон Рим, но по активирањето на итна тревога слетал во воздухопловната база „Евро“ во северна Франција.
Финската авиокомпанија „Финер“, пак, соопшти дека во четвртокот била упатена закана за еден од нејзините авиони на линијата Хелсинки – Рим. Авионот бил придружуван од воздухопловните сили и слетал според планираното.
Безбедносни мерки биле преземени и во Чешка, каде што полицијата соопштила дека се подготвува за слетување на четири авиони што летале кон Прага, откако биле добиени закани поврзани со можни импровизирани експлозивни направи.
Чешката полиција оценила дека веродостојноста на заканите е ниска, но најавила пиротехнички проверки на сите авиони по нивното слетување.
Ова не е прв ваков случај во последните денови. Пред два дена околу седум летови биле цел на слични закани, што предизвика дополнителни безбедносни проверки и пренасочувања на авиони низ Европа.
