Не сме во „војна“, ама мислењето не го менува – Арсовска: Стојам зад се што кажав за Мицкоски

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во синоќешното гостување во информативниот магазин „Клик Плус“ на ТВ21 рече дека стои позади сето она што го кажала за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Јас сметав дека дента се што имав да кажам, кажав, стојам позади тие зборови меѓутоа поважно од се е да се фокусираме на она да си ги реализираме проектите кои што сме ги ветиле да ги реализираме за доброто на граѓаните. Тоа што го прават поедници, тоа на нив треба да им служи на чест и јас не сметам дека треба повеќе да размислувам на сите тие работи“, вели Данела Арсовска.

Арсовска вели дека во сомнителниот тендер за пречистителна станица вреден над 130 милиони евра има работа и за обвинителството. Како што вели, самиот факт што Мицкоски повеќе бил информиран од неа за постапката, сумите, доволно говори дека работата е сомнителна.

„Видовме, токму тука и во вашата емисија, претставникот кој што беше на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, богами и тоа како е запознаен со сите постапки, суми, со се она што се одвивало таму, сметам дека е сериозна индиција за сето она што се случувало таму“, порача Данела Арсовска.

Минатата недела од истото студио претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека причината за тоа што Арсовска го напаѓа, е бидејќи е на самиот врв во политиката.

„Сега се наоѓам таму и нормално е дека ветриштата најсилно ќе дуваат. Ќе ме напаѓаат луѓе, ќе ме омаловажуваат ќе ме навредуваат, ќе ми се закануваат. Но, јас имам една цел и ќе продолжам по таа цел, како мојата Македонија да биде подобро место за живеење“, посочи Христијан Мицкоски.

Кавгата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска започна со разрешување на директорот на ЈП Водовод и канализација, а кулминираше кога градоначалничката на седница на Советот на Град Скопје упати директни обвинувања дека ги фатила директорот „со рачето во медот“ и рече дека Христијан Мицкоски никогаш нема да излезе од „тендер матрицата“.

По ова следуваа оставки на директорите на јавните претпријатија во Градот, а ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение се огради од Арсовска и рече дека повеќе нема да праќаат градоначалници од нивните редови на настани каде присуствува таа.