Ќе пропаднат ли во вода препораките за реформи во Судскиот совет, кои ги изготвуваа специјално испратени европски експерти? Од ВМРО-ДПМНЕ, на новинарско прашање, велат дека сите предлози се добредојдени.
„Секој предлог, но и идеја која ќе значи промена, е добредојден, но воедно тоа не значи откажување од заложбата да се променат и подобрат работите.“, вели Бојан Стојаноски.
Владејачката партија не се откажува од целосно распуштање на Советот, бидејќи така, како што велат, нема повеќе да има обвинители и судии кои слугуваат на бизнис-криминални елити.
„Распуштањето на Советот е мерка од којашто не се откажуваме, впрочем тоа беше и наше ветување пред граѓаните, кое доби поддршка. Во меѓувреме, треба да се има предвид дека отпорот за ваквиот чекор е најголем од тие на коишто им служи трулиот судско-обвинителски систем.“, порача Бојан Стојаноски.
Од друга страна, евроамбасадорот Дејвид Гир повторно порача да не се презема ваков чекор.
„Одредени нешта се веќе постигнати, не почнуваме од ништо. И не мислам дека треба да сме во позиција во која едноставно ќе ја избришеме површината и да почнеме одново.“, вели Дејвид Гир.
Гир, во телевизиско интервју, потенцира дека основата на реформите во Советот се препораките на европските експерти, а не неговото целосно распуштање.
„Ние испративме група на експерти, Оценска мисија, што значи дека други судии од земји-членки на ЕУ подготвија Извештај со 40 препораки кои треба да се спроведат. Затоа велиме, градете врз основа на овие препораки, додека ги спроведувате реформите.“, порача Дејвид Гир.
Според опозиционерите, власта не треба да чека со реализацијата на препораките.
„Реформите во правосудството се можни само со спроведување на 40-те препораки од Оценската мисија на ЕУ, со поддршка и мониторинг од меѓународната заедница.“, велат од СДСМ.
Неодамна на брифинг со новинарите, министерот за правда Игор Филков не одговори каква е намерата и планот на Министерството со препораките од Оценската мисија. Единствено кажа дека за прашањето со Судскиот совет ќе свикал широка дебата.
