Неизвесно е дали земјава ќе ја продолжи воената помош за Украина. Министерот за одбрана Владо Мисајловски потсети дека од земјите од НАТО, Македонија е четврта земја по помош во најразлична опрема и додаде дека актуелната Влада веќе доделила еден воен пакет. Сепак, тој нагласи дека сега се гледа шанса за мировно решение.
„Сега во овој период се смени наративот, знаете и геополитиката во светот, и она што вчера можеше да се слушне навистина е за поздравување, дека на масата е предлог за мир, се разговара за мир и ние сме про-мир држава“, изјави Владо Мисајловски, министер за одбрана.
Мисајловски истакна дека Македонија застанува зад предлогот за мировно решение и е задоволен што и европските државници ги поддржале разговорите, кои инаку ги започна новата американска администрација на Доналд Трамп. Министерот повтори дека војници од земјава нема да има на украинско тло, но не ја исклучува таквата можност во иднина.
„Дали македонски војници ќе има на украинско тло? Нема да има. Но, дали по завршување на ова мирно решавање и потоа потребата за било каква помош или мировници итн во било каква форма или слично, прво треба да го видиме тоа како побарување, на што се мисли… бидејќи различни земји имаат различно размислување“, изјави Владо Мисајловски, министер за одбрана.
Прашањето за продолжувањето на евентуалната нова воена помош за Украина се покрена минатата недела, кога од Министерството за надворешни работи брифираа допрва ќе размислуваат на темата. Дилемата се наметна откако САД ја замрзнаа воената помош, по кавгата меѓу претседателите Зеленски и Трамп, а од европските земји одлуката на Вашингтон ја поддржаа единствено Унгарија и Словачка. Сега, откако Киев се согласи на едномесечен прекин на воените дејствија, САД најавија продолжување на воената помош.
