Неизвесноста со Даути продолжува: Нејзината партија остава таа да одлучи што ќе преземе по интерпелацијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема став од Алијанса за Албанците на Зијадин Села за тоа што ќе преземат по интерпелацијата на Илире Даути и дали ќе предложат нов кандидат за претседател на Комисијата за социјална политика. Од оваа партија велат дека очекуваат самата Даути да реши каква одлука ќе донесе. Даути деновиве побара од претседателот на Собранието Африм Гаши да свика седница на која пратениците ќе гласаат за укинување на заклучокот за нејзината интерпелација. Само на тој начин јас ќе продолжам да ја водам Комисијата за социјална политика, рече таа.

За ова прашање сигурно ќе се изјасни самата пратеничка Илире Даути, изјави Исен Шабани, Алијанса за Албанците крило на Села.

Од СДСМ велат дека покрај Даути одговорност има и претседателот на Собранието Африм Гаши не само поради тоа што не ја свика седницата на Комисијата за социјална политика, туку и поради неговата изјава дека интерпелацијата нема правно дејство.

-Не може интерпелација да нема никаква правна последица. Тоа е невозможно. Целата одговорност околу несвикувањето на седницата за законот за бранители и сега по усвоената недоверба за Даути е кај претседателот на Собранието Африм Гаши. Откако е изгласана интерпелација односно недоверба, исто така одговорност на претседателот на Собранието е да соопшти кои се неговите следни чекори по изгласувањето на интерпелацијата за Даути, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека Даути нема легитимитет да ја води Комисијата за социјална политика и очекуваат Гаши да побара Комисијата за избори и именувања да ја спроведе процедурата за разрешување на Даути.