Некогаш премин, сега само контролна точка – половина век се чека отворање на ГП „Маркова нога“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Половина век, жителите на Преспа чекаат да се крене оваа рампа и да се отвори граничниот премин „Маркова нога“.

„Ова е последна точка на југот од државата, за понатамошно движење потребна е посебна дозвола за движење во гранична зона, а до најблиското село на грчка страна има само 4 километри“, истакна репортерот на ТВ21.

Некогаш премин, сега само контролна точка на граничната полиција. Припадниците се овде од 2004 година кога армијата се повлекла со трансформацијата на безбедносните служби.

„Ова е најјужната точка од јужната страна. Овој камен е граничниот камен 177 кој го покрива полициската станица за граничен надзор „Маркова Нога“. Порано кога работел преминот, тука поминувале пешаци со точаци, ги носеле производите од Преспа ги продавале на пазар во Лерин, од грчка страна доаѓање тука, во тој период има доста и склучени бракови“, посочи Христина Кокаревска.

Нашата полиција го чува целиот овој потег, бидејќи од грчка страна патролите се блиску само до првото населено место и ретко влегуваат во пограничната зона.

„Полициската станица кај нас работи 24 часа, постојано имаме дежурства, додека од грчка страна патролира по гранична линија армијата, која што се наоѓа во село Раби и тие доаѓаат патроли, не редовно, контакт со нив немаме“, истакна Христина Кокаревска.

Ретки се илегалните премини, а за да се избегне тоа, останатата површина од преминот е преградена со бодликава жица. Но чести се туристите кои доаѓаат во граничната линија во обид да влезат во Грција.

„Многу често имаме туристи од кај нас и од Република Грција кои доаѓаат тука, бидејќи на ГПС им покажува дека постои и работи граничниот премин „Маркова нога“. За жал ние мора да ги вратиме и ги упатуваме на ГП „Меџитлија“ кој е најблиску тука до нас“, вели Христина Кокаревска.

До пред две години од грчка страна биле преземени и низа градежни активности.

„Војската од грчка страна го има израмнето, истампонирано и проширено патот. Значи нешто се работи за побрзо отворање на преминот“, додаде Христина Кокаревска.

Наместо за 2 километри до најблиското село Роби на грчка страна, преспанци треба да минат 150 километри, односно да вртат преку преминот „Меџитлија“ кај Битола.

„Од наша страна, се работи на патната инфраструктура. До преминот води пат со две ленти, а на него изградени се веќе бензински пумпи и угостителски објекти со храна. Она што се чека сега, е Грција да направи чекор кон „Маркова нога“, посочи репортерот на ТВ21.

Затворањето на граничниот премин е без официјално образложение и по еднострана политичка одлука на Грција во 1967 година, но жителите на Преспа се сомневаат дека тоа е за да се спречи комуникацијата меѓи двете страни, кои најчесто се во роднинска врска.

Името на граничниот премин доаѓа од една легенда, велат, сакајќи Крали Марко да го виде малото преспанско езеро се поткачил на овој камен и оставил трага од своето стапало. Оваа легенда привлекува и многу туристи.

„Согласно договорот меѓу двете земји, освен „Маркова нога“ кај Преспа, треба да се отвори нов граничен премин меѓу Промахој од грчка страна и Мајден од наша кај Кавадарци. Со овие нови гранични премини се создаваат услови за уште поголема соработка на локален и економски развој и прекугранична соработка“, додаде репортерот на ТВ21.