„Господине Мицкоски, еве една значка за НАТО и нашата земја која што вие гласавте, Република Северна Македонија во НАТО. Убаво да си ја носите на реверите, јас имам уште една за мене“, вели Зоран Заев.
Мицкоски: Во интерес на празникот, еве еден новчаник да го има, да си го чува.
Заев: Ова не е во духот на простувањето, овој поклон нема да го земам, затоа што има друга симболика.
Мицкоски: Ова е празен новчаник, не е полн.
Како што почна, така и заврши телевизиското соочување помеѓу Заев и Мицкоски. Со обвинувања. Иако можеби се очекуваше поконретни идеји и проекти во интерес на граѓаните, преовладуваа обвинувањата за тоа кој повеќе ја уништува државата. Иако излегоа многу анкети, особено на порталите за тоа кој бил победник, всушност вистинското прашање можеби е дали воопшто имало победник.
„Едноставно се забавував кога зборував со господинот Зоран Заев“, истакна Мицкоски.
По телевизиското соочување, во кое имаше повеќе обвинувања, од конкретни идеји и планови за она што можат да им го понудат на граѓаните, лидерите на двете најголеми политички партии, на терен. Изборната кампања се уште не е почната, но се користи секоја можност да се убедат гласачите да гласаат за нивните партии, иако не им ги презентираат програмите. Заев вели ќе биде носител во Изборната единица 4, бидејќи тоа е негов регион.
„Она што по прилично сигурно е кај нас, е дека претседателот, односно јас ќе бидам во четвртата изборна единица. Тоа е мојот дом, јас живеам во Струмица, заедно со сопругата и децата, тоа е мој регион. Се бара вториот носител, дамата која што ќе биде во оваа изборна единица“, додава Заев.
А, Мицкоски беше во Охрид. Вели на претстојните избори на нивните кандидатски листи ќе бидат лица кои што ќе работат за интересите на државата. Тој не открива каде ќе биде носител.
„Тоа се луѓе кои што имаат интегритет, сериозен трак рекорд позади себе, сериозно животно и професионално портфолио. Луѓе во кои што јас лично како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, партијата но и Охриѓани можат да се потпрат и да веруваат дека ќе бидат вистински столбови пред се на одбрана на интересите на Македонија, а и на Охрид“, истакна Мицкоски.
Претставници на нивните партии и денеска одржаа по неколку прес конференции со кои се обидуваа што е можно повеќе да го оцрнат противникот. Според она што сега го гледаме, можеме да претпоставивме каква изборна кампања не очекува.
