Бугарија упати нова закана за вето доколку македонската Влада не признае дека јазикот и идентитетот имаат бугарски корени, порача вицепремиерот и министер за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева. Таа истакна дека Софија го губи трпението поради одбивањето на Северна Македонија да го имплементира Договорот за пријателство кој двете земји го потпишаа во 2017 година.
„Нашите грижи потекнуваат од бескрајните тврдења за македонско малцинство во Бугарија. Признавањето на бугарските корени ќе му стави крај на тоа. Доколку Скопје се согласи, Бугарија е подготвена да ги признае македонскиот „како еден од официјалните јазици во Северна Македонија“ и да го прифати македонскиот идентитет. Не спориме со нивното право на самоопределување, ниту со правото да си го нарекуваат јазикот како сакаат. Подготвени сме уште еднаш да ги потврдиме актуелните реалности, но тие мора да ја прифатат историска вистина.“, рече Захариева.
Тв21 го контактираше премиерот Зоран Заев, кој вели дека останува на неговиот став од пред неколку дена во Вила Водно. Тогаш заедно со претседателот Стево Пендаровски порачаа дека од бугарската страна нема официјален предлог за компромис и дека нема преговори за нашиот идентитет.
„Нема никакви и не може да има никакви отстапки од националните и државни интереси. Преговори за македонскиот идентитет и јазик никогаш немало и нема да има. Точка.“, рече Пендаровски.
За премиерот Заев не се прифатливи тврдењата дека македонскиот јазик извира од бугарскиот јазик.
„Не е прифатливо. Да почекаме да видиме предлогот кој е, да не ги нарушиме разговарачките процеси. Секако дека треба заедно да бидеме паметни и во духот на тоа што е потпишано.“, изјави Заев.
Захариева потенцираше дека Бугарија не може да ја усвои преговарачката рамка на ЕУ за Северна Македонија според актуелната форма и дека без разлика на шпекулациите во македонските медиуми, Бугарија ниту сакала уставни измени а ниту доставила нови барања. Шефот на дипломатијата Бујар Османи очекува следната седмица да се обезбеди, формат за средба со неговата бугарска колешка, бидејќи, како што вели, навистина се ближат деновите кога Советот на ЕУ треба да донесе одлука.
