Нема поместување на ставовите – СДСМ бара уставни измени, ВМРО-ДПМНЕ повтори дека нема да поддржат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ден по средбата на премиерот Ковачевски со владините коалиционери, од СДСМ го повторија ставот дека иднината на Македонија е во Европската унија и затоа партиите особено опозициската ВМРО-ДПМНЕ треба да ги поддржат уставните измени. Дарко Каевски од СДСМ кој практично ги повтори ставовите на премиерот Ковачевски уште еднаш повтори дека поддршката од Соединетите Американски Држави мора да се искористи и дека Македонија нема време за губење и затоа пратениците треба да ги поддржат уставните измени.

„Време е за глас за Европа во македонското Собрание за продолжување на европскиот пат на државата затоа што немаме време за губење и затоа што не знаеме дали и кога ќе ја добиеме оваа шанса повторно. Никако не смееме да дозволиме забавување или застанување на патот кон ЕУ. Доколку се пропушти овој политички момент и оваа поддршка од Европа и САД сега, ризикот е да се вратиме назад, да бидеме сами, надвор од процесите додека други земји од регионот напредуваат кон ЕУ.“, рече Дарко Каевски од СДСМ.

Својот став не го менува ниту ВМРО-ДПМНЕ, уставни измени велат нема да има.

„Кога силата ја добиваше СДСМ и ДУИ од многу институции, од нивните обвинителства од нивните судови тоа го правеа со една цел да го угнетат македонскиот народ, да тргнат против ВМРО-ДПМНЕ да тргнат против раководството на ВМРО-ДПМНЕ и на крајот да се смени името, да се смени уставниот поредок во Република Македонија. И сега продолжуваат понатаму, продолжуваат повторно со уставни измени тоа прашање да биде актуелно но нема да им успее.“, изјави Владо Мисајловски.

Вчера премиерот Ковачевски директно ја повика ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи кон европскиот блок и ги пренесе пораките од високите американски претставници Блинкен и Ескобар дека треба да се исполнат обврските за Македонија да стане дел од Европската унија.