Нема повеќе да седат дома и да добиваат плата – вработените по рамковен ќе бидат прераспределени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

1.357 административци нема да седат веќе дома, туку ќе бидат распределени во вкупно 258 институции. Вицепремиерот Груби само еден ден откако се смести во новата зграда на Министерството за политички систем, до Влада достави план за распределба на административците.

„Согласно член 4 став (1) од Законот за преземање на административни службеници вработени преку K5 програмата во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, вкупно 1.357 административни службеници ќе бидат распределени во вкупно 258 институции на локална самоуправа и други државни органи основани во согласност со Уставот и законот.“, рече Груби.

Артан Груби вели дека овој план ги вклучува сите вработени во Министерството за политички систем, кои имаат склучено договори за вработување до 31 декември 2019 година. Тие ќе бидат сместени во државните и локалните институции.

„Оваа категорија вработени, како што се наведува, ќе бидат систематизирани во институции кои вршат активности од областа на образованието, науката, здравството, културата, социјалната заштита и заштитата на децата, спортот, како и други дејствија од јавен интерес утврдени со закон и организирани како јавни агенции, фондови, институции и претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општини, од Град Скопје, но исто така и од општини на град Скопје и државни акционерски агенции.“, изјави Груби.

Ангел Мојсовски, истражувач во Институтот за европска политика, за ТВ21 изјави дека има место за систематизација на овие административци, но прашањето е во тоа што некои од нив може и да одбијат.

Пред новогодишните празници, министерот за Информатичко општество и администрација Јетон Шаќири изјави дека доколку два пати по ред некој одбие прераспределба, ќе му биде раскинат договорот за вработување.

Во буџетот за оваа година се предвидени 9.3 милиони евра за 1.430 вработувања. За десет години според направените пресметки, вработувањата според Рамковен договор ја чинат државата околу 100 милиони евра. Инаку од МИОА изјавија дека со реорганизацијата и намалувањето на бројот на вработени, ќе имаме постручна администрација. Прашањето за систематизацијата на администрацијата беше актуализирано во 2018 години од тогашниот министер за администрација, Дамјан Манчевски, но не беше завршено.