Нема согласност за 31 октомври – Османи: Дали 17, дали 31 октомври за нас е прифатлив било кој датум

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Најавата на премиерот Заев дека е можно изборите да се закажат за 31 октомври за, како што рече да не се совпадне кампањата со пописот, но дека за тоа треба да дадат согласност и другите партии даде различни ставови од другите политички субјекти. Единствено од ДУИ велат дека за кој и да е датум што ќе се договорат партиите за нив е прифатливо.

„Кога политичките партии имаат проблеми со датумите повеќе тоа ми личи дека имаат проблеми со самодовербата за исходот за изборите. Ние во овој случај немаме таков проблем, така што било кој датум што ќе го одлучат другите политички партии во однос на одржување на изборите за нас е прифатлив. Дали 17, дали 31 октомври за нас се прифатливи датуми“, истакна Бујар Османи.

ВМРО-ДПМНЕ и денеска повтори дека тие не се согласуваат со предлогот на Заев,. Уставниот и законски рок за одржување на изборите е 17 октомври а се друго би било кршење на Уставот и ризик да се загрози изборниот процес како незаконит, велат од опозицијата.

„Локалните избори не се определуваат според желбата на било кој политичар, па дури тој да е и премиер. Локалните избори се одржуваат согласно утврдениот термин во Уставот и законот. Уставниот и законски термин за локалните избори е 17 октомври првиот круг. Се друго значи прекршување на Уставот и на законите. Внатрепартиските и меѓукоалиционите пресметки во ДУИ, СДСМ, Беса и помалите коалициони партнери не треба да бидат проблем за државата и за граѓаните и не треба да бидат изговор за прекршување  на изборниот ден на 17 октомври“, посочи Антонио Милошоски.

И од Алијанса за Албанците исто така со став изборите да се одржат на 17 октомври.

„Она што е наша логика е дека пролонгирањето од власта е од причина што тие се плашат од огромната еуфорија за пописот што ќе се појави кај Албанците, особено за албанските општини, и таа еуфорија е повеќе наклонета кон опозицијата отколку кон власта и тие за да ја спласнат таа еуфорија бараат пролонгирање на изборите. Бездруго албанскиот електорат е многу свесен“, вели Скендер Реџепи.

Доколку се одложат изборите ова не би било прв пат да се прават измени на закон со што би се пролонгирал датумот. На претходните избори во 2017 кои требаше да се одржат во првата половина на мај Собранието усвои измени со кои им се продолжи мандатот на градоначалниците а изборите беа спроведени во октомври.