Недостигот од паркинг простор и понатаму претставува проблем за граѓаните во Чаир, особено во зоната околу плоштадот „Скендербег“.
„Дојдов со автомобил, не можев да најдам место, морав погоре кај „Холидеј-ин“ да се паркирам, и треба да има поголем паркинг. Не е доволно, многу е мал“.…„Паркингот… ништо не се прави!“, велат граѓаните.
Асистивниот центар е една од организациите кои, со поддршка на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), го следат исполнувањето на ветувањата дадени за време на Локалните избори во повеќе општини во Македонија.
Претседателот на оваа организација, Ридван Мустафа, за ТВ21 изјави дека проектот за паркингот кај плоштадот „Скендербег“ е во фаза на подготовка на документацијата. Според него, проектот предвидува две подземни нивоа за паркирање, додека надземниот простор ќе се користи за слободно движење на пешаците.
„Владата даде согласност за овој проект во 2025 година, додека во моментов е само во фаза на документација. Ние го следиме овој дел, а наш дел од овој проект е да го следиме овој процес, согласно сите акти и ќе бидеме во комуникација со Општина Чаир.“, вели Ридван Мустафа од Асистивниот центар.
Од Општина Чаир информираат дека потребните административни и технички процедури се пред завршување. Се очекува изградбата на паркингот кај плоштадот „Скендербег“ да започне следната година.
„Во моментов, потребната документација е во завршна фаза на подготовка, додека постапката за добивање одобрение за градење е во тек“, велат од Општина Чаир.
Согласно предвидената динамика, почетокот на реализацијата на проектот е планиран во текот на 2027 година. По завршувањето на потребните административни и технички процедури, јавноста навремено ќе биде информирана за деталите на проектот и фазите на неговата реализација.
Инаку, на локалните избори градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, вети дека ќе бидат изградени 800 паркинг места на површина од 12.500 м².
—
Мониторинг на реализацијата на изборните ветувања и мерките на локалната власт е активност во рамките на швајцарскиот проект Програма за поддршка на изборите имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Содржината/мислењата/ на никаков начин не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Владата на Швајцарија и на ИФЕС.
