„Сулејман Реџепи нема своја куќа! Валахи…Се колнам пред јавноста!“.
Освен што вели дека нема своја куќа, екс поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи синоќа во Клик Плус рече дека откако бил на чело на ИВЗ, не се занимавал со финансии. Скапиот ролекс вели дека му е подарок.
„Се колнам во Бога дека Ролексот не сум го купил јас, подарок ми е од еден Македонец.“, рече Реџепи.
Екс поглаварот на ИВЗ вели дека до последен момент не знаел дека ќе биде разрешен, дури како што вели, кога побарал некој да го преземе кормилото на ИВЗ,сегашното раководство не му дозволило.
„Јас не заслужив да завршам така како што тие сакаа. Тоа не сум го заслужил.“.
Дента кога бил разрешен, Реџепи вели дека двајца членови на ДУИ, Муса Џафери и Блерим Беџети побарале да си поднесе оставка, велејќи му:
„Сакаме да ве поштедиме од разни етикетирања, бидејќи сега се парламентарни избори, да не се помешаат политичките избори со оваа ваша работа сега.“, рече Реџепи.
Реџепи не прифати во текот на емисијата да се приклучи во живо Скендер Бузаку кој пред еден месец претендираше за местото на Реџепи.
„Јас знам колку тежи Скендер Бузаку, се занимава со авантури, сака да биде голем.“.
Бузаку ги нарече гаф зборовите на Реџепи во емисијата а рече и дека го жали како човек.
„Навистина овој човек се обидува повторно да го наруши заедништвото на ИВЗ и да не ги остави на мира муслиманите во нашата земја. Во оваа старост, кога сум дедо, да се клањам, да се молам ,да одам во џамија и да ги остават на мира верниците, органите на ИВЗ и јас лично да ги вршиме нашите задачи.“, рече Бузаку.
Сулејман Реџепи исто така рече дека својот глас секогаш и го давал на ДУИ но не водел кампања меѓу народот, туку вели дека претставници на СДСМ и ДУИ побарале од него да апелира за поддршка на Стево Пендаровски за претседател.
„Можеа двајца Пендаровски, двајца Стевовци да се изберат со тие гласови и тоа си даде резултат, самиот Стево Пендаровски ми рече: Ова е твоја победа, не е моја.“, рече Реџепи.
Но овие зборови на Реџепи ги демантираа од кабинетот на Претседателот нарекувајќи ги несериозни и невкусни измислици.
„Претседателот Стево Пендаровски, ниту пред, ниту непосредно по изборите, имал било каква директна или индиректна комуникација со тогашниот поглавар на ИВЗ, од што јасно произлегува дека наводите искажани од страна на Реџепи се целосно измислени. Претседателот Пендаровски е избран на легитимен и легален начин, на фер и демократски избори, што е потврдено во сите извештаи на ОБСЕ/ОДИХР.“, соопштија од Кабинетот на претседателот.
Сулејман Реџепи беше разрешен од функцијата поглавар на ИВЗ на 27 мај 2020. Потоа и самиот тој преку допис ја поднесе својата оставка по околу 30 години на чело на Ријасетот на ИВЗ.
