Невакцинираните граѓани не можат да пијат кафе во кафеана или да влезат во трговските центри. За влез во овие објекти ви е потребна потврда дека сте имунизирани, а од КЗБ велат дека немаат намера да ги укинат сертификатите за вакцинација се додека не се намали бројот на заразени со Ковид-19. Целта на оваа мерка не е спречувањето на трансмисијата туку заштитата на граѓаните кои немаат воопшто имунитет, ниту од вакцината ниту од прележувањето на вирусот.
Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, извести дека од денеска ќе може да се закажат тестови за Ковид-19 во три нови пунктови во Скопје, во поликлиниката Ѓорче Петров, Идадија и Бит Пазар. Со ова, според Комисијата, ќе се намали времето на чекање на граѓаните за тестирање.
Институтот за имунологија вчера почна со серолошки скрининг на терен. Тестирањето треба да опфати околу 1.000 случајно избрани граѓани на некои локации во Скопје. Од понеделник се очекува да има резултати за серопреваленцијата, колку граѓаните имаат имунитет од вакцините или дали го прележеле вирусот.
