Нема да има зголемување на платите на функционерите за дополнителни 400 евра, тврди првиот финансиер Фатмир Бесими. Платите на функционерите минатата година беа зголемени за 78 проценти, а оваа година основата за повторно зголемување се најавуваше дека треба да биде врз основа на усогласување со просечната плата.
„Нема пари во Буџет за зголемување на платите на функционерите во 2024, нема. Нема пари за зголемување на плати во Буџетот нема пари. Тоа значи дека тоа е одраз на политиката што ја најави Владата дека ќе има интервенции во Законот тоа да не се случи во 2024 година. Според Законот каде што секоја година им следи зголемување согласно усогласувањето со просечната плата. За тоа нема пари во Буџетот“, вели Фатмир Бесими.
Во однос на објавените конкурси за вработувања и тоа пред изборите, во кој само во Министерството за финансии се планираат нови 50 вработувања, Бесими вели дека одлив на кадри има постојано и мора да се пополнуваат испразнетите места а конкурсите се за оние со определено време.
„Ова е дел од таа поширока реформа затоа што се констатира дека со тие што се со определено време и треба сигурност на работното место за да привлечеме поквалитетни кадри и тоа беше за сите институции Тие што биле со определено време да им се даде можност да аплицираат за неопределено време а притоа во Буџетот да нема никакви разлики. Ако гледате наназад последните четири години вработените во јавна администрација и јавен сектор се намалува бројот“, порача Фатмир Бесими.
Инаку министерот за финансии имаше отчет за изминатава година заедно со директорката на УЈП Сања Лукаревска, на која рече дека била успешна со рекордна реализација на капитални инвестиции додека Лукаревска рече дека сме собрале помалку даноци од планираното.
