Не сум имала намера, ниту некогаш ќе употребам вето за да навредам некого, некој јазик или дел од нација. Ова го истакна претседателката Гордана Силјановска Давкова откако деновиве во јавноста имаше реакции затоа што не го потпиша указот на Законот за заштита на децата и се тврдеше дека со тоа се скратува правото на двојазични лиценци. Вели дека на тоа се одлучила водејќи се од почитувањето на Уставот и законите. Никој не оспорува кога се полага испитот на албански јазик да се добие лиценца на албански јазик, рече Силјановска.
„Ниту сум имала намера ниту некогаш ќе направам такво нешто да употребам вето за да навредам некој јазик, никогаш, ниту пак сум се водела од партиски совети. Само упатив еден повик уште еднаш да се разгледаат членовите 9 и 10, а исто така уште еднаш да се размисли дали можеби ваквиот начин на полагање и добивање со лиценца нема да внесе или да отвори простор за дискреционо овластување“, вели Гордана Сиљановска Давкова.
Со ист став е и премиерот Мицкоски кој се согласува дека двата члена, 9 и 10 од законот се спротивни на Уставот и законите и дека набрзо ќе бидат корегирани и вратени во Собрание.
„Ако го читате овој закон и членот 9 и членот 10 вели точно 20 проценти, малку е несмасно сето тоа направено и тоа е една формулација која што ќе се надмине многу скоро. Инаку се знае, службен јазик на целата територија е македонскиот јазик, но сите оние во случајот Албанци кои што ќе сакаат и ќе побараат и на албански да биде формуларот за полагање или лиценцата ќе биде сега тоа прецизно формулирано согласно Уставот и Законот за јазици, ќе го добијат тоа право се разбира“, вели Христијан Мицкоски.
Од Владата пак деновиве порачаа дека Законот за заштита на децата ќе биде доработен според забелешките на претседателката, а повторно ќе биде вратен во собраниска процедура. Ова е првиот закон кој Силјановска не го потпиша указот. Од Европскиот фронт и од ВЛЕН вчера остро реагираа оценувајќи дека со тоа се прави обид за газење на албанскиот јазик и порачаа дека нема да се дозволи да се добиваат политички поени на сметка на користењето на албанскиот јазик.
