Данела Арсовска заедно со Алијанса за Албанците ја спроведе изборната кампања и заедно со гласовите на оваа партија беше изгласана за градоначалник на Град Скопје. Но, АА во моментов не раководи со ниту една управа на Градот, додека ДУИ, која го поддржа Шилегов од СДСМ, вчера доби две дирекции.
„Точно е, излегува дека ние немаме ниту една дирекција и функција во Град Скопје, освен што ќе останам советник во Град Скопје од редовите на Алијанса за Албанците“, вели Бујаре Абази.
Во знак на револт, оставка од функцијата поднесе заменик градоначалничката на Скопје, Бујаре Абази, член на АА. Абази рече дека повеќе не ги поддржуваат политиките на Арсовска, која според неа направила скандалозно прекршување на договорот со АА.
„Со назначување на двајца директори во две јавни претпријатија во „Паркови и зеленило“ и „Улици и патишта“ од страна на членови на друга партија, всушност она што и денес го имаме во Владата, што сведочи за тоа како постапуваат сите овие 20 години, тогаш таа всушност испрати порака дека договорот што го имавме на почетокот на кампањата е прекршен“, додава Бујаре Абази.
Абази ќе остане само како советник на АА во Град Скопје. Град Скопје реагираше на оставката на Абази. Велат дека Абази била на функција како личност, а не како некој што доаѓа од кој било партиски субјект.
„Искрено жалиме што Абази одлучи партијата да ја стави пред интересот на градот и скопјани, но тоа е нејзина одлука. Департизацијата во институциите мора да биде постулат врз кој ќе се градат професионални јавни институции, а секој кој партиските интереси ги става над јавниот интерес, јасно е дека не може да функционира во насока на соодветно застапување на скопјани“, велат од Град Скопје.
Засега ДУИ во Град Скопје останува во опозиција, иако добија 2 раководни позиции во јавни претпријатија. Секоја евентуална промена на позицијата во Советот на Скопје ќе биде направена по наредба на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, изјави за ТВ21 Бесник Ајети, советник на ДУИ во Град Скопје. Но, Ајети беше резервиран во одговорите, дали се согласуваат со назначувањето на двајца нови директори блиски до „Огнената група“.
Бесник Ајети: Именувањето на двајца директори е право на градоначалничката да именува вршители на должност во оние институции и претпријатија кои му се потребни на градоначалникот.
– Зошто токму овие две имиња?
Б.А.: Ова прашање треба да му го поставите на градоначалникот!
– Кога ќе се знае дали ќе бидете дел од власта или од опозицијата?
Б.А.: Ги имаме партиските органи, имаме партиски инструкции кои доаѓаат директно од претседателот Ахмети, сите можни промени ги добиваме преку партиските органи.
-Дали сте задоволни од овие две имиња кои се назначени за директори?
Б.А.: Не е до нас!
Вчера Град Скопје ги пополни местата на 5 директори од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои поднесоа оставки поради незадоволство од соработката со Арсовска. Меѓу 5-те нови директори има и двајца кои доаѓаат од редовите на ДУИ.
