Стручната комисија која го разгледуваше случајот на родилката од Струмица констатирала дека немало лекарска грешка. Според Комисијата за надзор над стручната работа, составена од пет експерти – гинеколог, анестезиолог, невролог, неврохирург и радиолог – едногласно било констатирано дека невролошката состојба на пациентката не била последица на спиналната анестезија, ниту на каква било лекарска грешка. Двајца од експертите биле од Србија и Словенија.
Заклучокот бил донесен по надзорот над лекувањето на родилката во Општата болница во Струмица, Клиничката болница во Штип и Клиниката за неврологија во Скопје.
„Пациентката беше пренесена поради клиничката состојба, која спаѓа во групата ризични бремености. Пациентка со претходна операција, односно царски рез, со прекумерна телесна тежина и со породување пред терминот. Стручниот тим процени дека треба да биде упатена, со претходна најава до повисоката инстанца, односно Штипската болница, каде што беше примена и операцијата беше извршена уредно, без никакви проблеми за време на операцијата.“, вели Игор Самарџиски.
Анестезијата била применета во долниот дел од ‘рбетниот столб, додека промената на ‘рбетниот мозок била констатирана значително повисоко. По породувањето, пациентката била отпуштена од болницата без невролошки симптоми, кои се појавиле неколку дена подоцна.
„По операцијата пациентката е отпуштена без документирани невролошки симптоми, а тие се појавиле неколку дена подоцна. Според комисијата, најверојатна причина е спонтано крвавење од ретка аномалија на крвните садови, на повисоко ниво, која не можела да се потврди со ангиографијата направена на Клиниката за неврологија. Причината сè уште не е конечнo утврдена.“, вели Сашо Клековски.
Од Министерството за здравство велат дека остануваат во контакт со пациентката и нејзиното семејство и дека ќе продолжат да ѝ даваат поддршка во текот на лекувањето и рехабилитацијата. И Комисијата препорачува дополнителна дијагностика за конечно утврдување на причината, како и продолжување на рехабилитацијата.
