Американскиот тим за санкции кои со доаѓањето во земјава ги подгреаја надежите дека конечно ќе се мрдне со проблемот со корупцијата деновиве си заминале без никаква најава но и без информации која беше мисијата на нивната посета. Од американската амбасада само кусо велат дека тие прибирале сознанија за случаи на висока корупција.
„Соединетите Американски Држави се посветени на тоа да ги повикуваат на одговорност оние кои се вклучени во значителна корупција и ќе продолжат да ги користат сите достапни алатки за борба против корупцијата на глобално ниво. Преку идентификување од страна на органите на власта, САД може да промовираат одговорност за сегашни и поранешни владини функционери кои се впуштаат во корупција“, велат од американската амбасада.
Ниту вицепремиерката задолжена за добро владеење Славица Грковска не се сретнала со американскиот тим а смета дека и немало потреба за тоа. Воедно нема ниту информации која била нивната мисија и не упати да прашаме во Американската амбасада.
„Средба на тимот со мене немаше и не мислам дека имало потреба за такво нешто, претпоставувам дека тој тим си има своја задача со свои цели за кои што е дојден. Тоа не е прашање за кое што би можеле ние да одговориме. Јас ве упатувам за тоа прашање во Американската амбасада“, вели Славица Грковска.
Евроамбасадорот Дејвид Гир на денешната регионална конференција за борба против корупцијата порача дека наместо убави зборови потребно е конкретна акција за сузбивање на ова зло.
„Младите луѓе си заминуваат од регионот, додека во истовреме истражувањата покажуваат уништувачки ефект на корупција во образованието и можностите за вработувања како главен фактор што ги тера да си заминат. Корупцијата е предизвик на секоја земја, во секоја земја напорите против корупцијата треба постојано да се обновуваат и да се прилагодуваат на новите предизвици и можности со кои општествата се соочуваат“, додава Дејвид Гир.
Заменик шефот на мисијата во Американската амбасада Ерик Меер потсети дека се очекуваат резултати согласно помошта од 10 милиони долари што САД ги инвестира во Македонија за борба против корупцијата.
„Секоја земја е одговорна да дејствува и е одговорна за обврските што ги презела. Без тоа патоказот е ништо друго освен неимплементиран стратегиски план кој ќе ги остави граѓаните разочарани. Ние очекуваме резултати по 10-те милиони долари кои што ги инвестиравме во секторот на борба против криминалот во Северна Македонија и што е уште поважно ќе ја следиме таквата посветеност“, вели Ерик Меер.
Според шефицата на Одделот против организиран криминал и корупција на Велика Британија независноста на судството и професионализмот е важен дел во борбата со корупцијата.
„Политичкиот, судскиот и оперативната независност мора да биде врвен приоритет во регионот. Јакнењето на професионалноста на државните институции е важна за ефективен одговор во борбата со криминалот“, додаде Сузи Дајкин.
Македонија во последниот Индекс на перцепција за корупцијата за 2021 година на Транспаренси интернешнел е рангирана на 87- место, во однос на претходната 2020 кога бевме на 111 место.
