Собранието со мнозинство гласови го избра Ненад Савески за нов државен јавен обвинител. Вицепремиерот Александар Николоски во образложението на предлогот на Владата тој да биде на чело на ЈО рече дека очекува да работи на враќање на довербата во институцијата. Савески е професионалец докажан во својата работа, истакна Николоски.
„Не случајно нема разговор нема дебата каде што нема сериозни критики за обвинителско-правосудниот систем како што не случајно рејтингот на овие две институции е некаде околу 2 проценти. Тоа ќе е сериозна задача за новиот јавен обвинител“, изјави Николоски.
Пратениците од Европскиот фронт Скендер Реџепи, Илир Хасани и Халил Снопче истакнаа дека од Савески очекуваат повторно да ги отвори случаите на болницата во Тетово, за малиот Алмир, Монструм и Алфа. Реџепи рече дека не е против предлогот за новиот јавен обвинител но нема да го поддржи се додека не покаже дека ќе се зафати со овие случаи.
„Идниот обвинител да просведочи дека навистина ќе биде обвинител на сите граѓани бидејќи овие два случаи, Монструм и Алфа се луѓе кои се уште служат доживотен затвор, луѓе кои се уште нивната драма и маки продолжува“, рече Реџепи.
Очекувања од Савески изнесе и Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија која е во коалицијата со власта. Тој рече дека Савески е храбар човек штом се нафаќа да раководи со институција со 2 проценти доверба. Тој прво треба да го расчисти сопствениот двор но побара и да се зафати со олигарсите.
„Од господинот Савески јас лично а сметам дека и граѓаните очекуваат да се зафати со високиот криминал, со олигархијата во државата. Банки, осигурителни компании, оф шор фирми, разни финансиски друштва и фондови, градежна мафија и ред други работи“, рече Станковиќ.
Иако немаше одредени критики кон новиот јавен обвинител Савески, Јована Тренчевска од СДСМ рече дека власта сака од него да направи сопствен слуга.
„Најголемата опасност не лежи во биографијата туку во намерата на власта да го претвори Обвинителството во продолжена рака на политиката. Актуелната политичка офанзива на ВМРО-ДПМНЕ која ќе кулминира со изборот на Ненад Савески за нов јавен обвинител и поднесувањето на новиот предлог закон за Јавно обвинителство претставува дефинитивно обид за воспоставување партиска контрола врз прогонот во земјата“, изјави Тренчевска.
Ненад Савески во интервју за МИА дадено пред неговиот избор рече дека нема да води селективна правда бидејќи за него сите предмети се важни, ниту пак ќе има предмети во фиока. Како приоритети најави дигитализација на работењето на Обвинителството, како и поголема отчетност и транспарентност. Рече дека ќе работи на подобрување на условите за работа, бидејќи, како што истакна не може сиромашна институција да се бори против богати од криминал.
