Неочекуван развој во Алтернатива! – Зеќирија Ибраими поднесе оставка, сцената му се отвора на Беким Сали

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зеќирија Ибраими повеќе не е претседател на Алтернатива. На седницата на Централното собрание на партијата, тој понудил неповратна оставка. Во подолг статус на Фејсбук објасни дека неговото повлекување од должноста претседател требало да се случи во јануари, пред партискиот Конгрес, без повторно да кандидатура за функцијата. Сепак, додава дека оваа динамика ја забрзале случувањата во коалицијата ВЛЕН, со цел денешните одлуки за иднината на Алтернатива, но и на ВЛЕН, да ги донесе новото раководство. Тој понатаму појаснува дека оставката не е поврзана со никакво незадоволство од политиките на Алтернатива или на ВЛЕН воопшто.

„Морам да кажам дека по ова искуство во ВЛЕН и покрај изборниот успех, сега кога ВЛЕН има потреба од нов политички проект, нова визија, нова политичка кауза, редефинирање на политичкиот субјективитет на Албанците, но и ново лидерство, јас сметам дека не можам да понудам повеќе од она што досега сум го понудил од оваа позиција и затоа сакам да бидам пат за новата енергија што ја бара овој процес.“, порача Зеќирија Ибрахими.

Сега функцијата претседател на Алтернатива, до следниот партиски Конгрес, ќе ја извршува Беким Сали, актуелен пратеник, кој воедно е номиниран и за функцијата прв вицепремиер. Сали не ги поштеди пофалните зборови за својот претходник, велејќи дека неговата оставка е доказ за неговата политичка култура.

„Денес не ја преземам Алтернатива како негов наследник, туку како продолжувач на патот што професорот го трасираше со труд, знаење и чесност. Ветувам дека ќе го чувам политичкиот морал што тој го изгради, ќе го зачувам неговиот дух, и ќе го водам нашиот политички проект со целосна одговорност.“, вели Беким Сали

За случувањата во Алтернатива со соопштение се огласи и коалицијата ВЛЕН, во која членува партијата. Меѓу другото, тие напишаа дека „во функција на унификацијата на ВЛЕН, процес што ќе продолжи и во наредните денови, Зеќирија Ибраими веќе понудил предлог кој лидерите го разгледуваат како опција“.