Нетанјаху воведува нов карантин – граѓаните бараат оставка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Илјадници Израелци протестираа вечерва пред резиденцијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху барајќи негова оставка.

Тие продолжија со протестите неколку недели и покрај карантинските мерки поради епидемијата на коронавирус.

Епидемијата брзо се шири повторно во Израел и има 61000 активни случаи на коронавирус во земјата, поради што владата воведе строги ограничувачки мерки, вклучително и деловни ограничувања, забрана за масовни собири.

Сепак, израелскиот парламент не поддржа закон со кој се забранува правото на протест, и покрај тврдењата на Нетанјаху дека протестите ја загрозуваат јавната безбедност, пренесува АП.

Вечерашните протести, со барање за оставка од Нетанјаху, кому му се суди за корупција, беа мирни, а многумина застанаа на обележаните места, почитувајќи ги мерките за физичка дистанца.

Исто така, организаторите на протестот ги повикаа демонстрантите да се држат на безбедно растојание едни од други.

Премиерот Нетанјаху во видео порака вечерва ги објасни причините за новиот карантин, признавајќи дека биле направени грешки во претходните месеци, но дека нема друг избор освен воведување нови ограничувања.

Тој не ги спомена протестите, но ги повика граѓаните да не одат во синагогите.