Незадоволни од буџетот за култура во Куманово – албанските културни друштва бараат „да се исправи неправдата“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Албанските културни друштва од општина Куманово незадоволни од буџетот за култура, спорт и едукативно-образовните активности. Во писмената реакција што ја исправија, буџетот го нарекоа скандалозен и дискриминирачки за албанската култура. Директорот на Ансамблот „Бајрам Шабани“, Дритан Рамадани, вели дека одвоените средства не се на потребното ниво, бидејќи културните активности се доста скапи.

„Со години нивото или сумата со која ги поддржуваа културно-уметничките друштва беше минимална. Годинава е зголемено минимално, но со овие средства едно културно-уметничко друштво не може да опстане и да функционира“, вели Дритан Рамадани.

Како што велат, очекуваат од општинските советници да ја исправат неправдата или, како што додаваат, ќе бидат принудени да преземат порадикални мерки.

Советникот Фитор Јакупи од редовите на ДУИ, вели дека поделбата на буџетот е дискриминирачка, не само за култура, туку и за сите други области, и дека токму поради тоа не гласале за буџетот.

„Реагиравме и мислиме дека е оправдано, бидејќи буџетот не е распределен пропорционално и еднакво. Ќе имаме и други реакции доколку во нашето Собрание не се регулираат прашањата според пропорционалните стандарди“, посочи Фитор Јакупи.

Дритон Сулејмани пак, од Алтернатива, истакнува дека распределбата на буџетот е со рекорден пораст, вклучувајќи ги и секторите култура и спорт. Според него, средствата ќе бидат искористени за мултикултурни настани и дека можат да аплицираат сите заинтересирани.

„Во моментот кога се дели буџетот секогаш има незадоволство. Во однос на програмата за култура, овој буџет ќе финансира две програми. Прва е на Фондацијата за култура и спорт „Куманово“ за која општината одобри буџет од 8.850.000 денари. А втората програма е програмата на општина Куманово“, додава Дритон Сулејмани.

Претседателката на Советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, за ТВ21 рече дека финансиските средства наменети за културни настани ќе бидат распределени по објавувањето и спроведувањето на јавниот повик од страна на општината, а ќе можат да аплицираат сите согласно предвидените критериуми. Во рамките на програмата усвоена од Советот, буџетските средства за културни настани во 2022 година ќе достигнат до 14 милиони денари.