Незадоволство од Агенцијата за разузнавање, Сиљановска не постави ниту заменик директор Албанец

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска соопшти дека го разрешила директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, а на негово место ја именувала Габриела Јаковлева. Покрај тоа, таа го смени и заменик директорот на оваа Агенција.

Наместо Александра Бакревска ја назначи Ивана Стојановска.

Овие две одлуки на Сиљановска-Давкова предизвикаа реакции во Агенцијата за разузнавање. Вработените Албанци, како што дознава ТВ21 од свои извори, се изреволтирале бидејќи ниту еден од раководителите на оваа институција не е Албанец, ниту директорот, ниту неговиот заменик.

Тоа не се случило 20 години, каде барем заменик бил Албанец, дури и кога претседател бил Ѓорге Иванов.

Вработените се уште немаат одлука како понатаму ќе реагираат на оваа одлука на Сиљановска-Давкова, но како што ни изјави извор, воопшто не се задоволни што е нарушен досегашниот принцип, дека еден од двајцата шефови на Агенцијата за разузнавање да биде Албанец.

„Има албански кадри кои ги исполнуваат условите, но очигледно нема политичка волја од кабинетот на претседателот“, ни изјави изворот.

Во соопштението на Претседателскиот кабинет за разрешување-именувања, каде всушност не се наведуваат причините за разрешувањата, пишува дека Јаковлева и Стојановска се долгогодишни професионалци во Агенцијата за разузнавање и дека претседателката овие решенија ги донела во согласност со нејзините уставни и законски овластувања.

Но, дали претседателката навистина го почитуваше законот кога ја именуваше Ивана Стојановска за заменик директор?

Извори на ТВ21 велат не! Тоа е затоа што за исполнување на условот за оваа функција, согласно законот, член 9, треба да се има „најмалку 10 години работно искуство во областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика, од кои 5 години раководно позиција во Агенцијата“.

Изворите на ТВ21 велат дека Стојановска не го исполнува овој услов бидејќи нема 10-годишно искуство во ниту една од овие области предвидени со закон. Од друга страна, занемарени се вработените Албанци кои всушност ги исполнуваат сите услови, вели изворот.

Досега нема официјална реакција од никого. Единствениот од Агенцијата за разузнавање кој денеска пишуваше е разрешениот директор Еролд Муслиу, кој во писмена реакција до медиумите вели дека „јасно е дека претседателот се предаде на партискиот притисок“.

По споменувањето на постигнувањата за време на неговиот мандат, Муслиу не остава без да спомене дека тој е првиот Албанец во историјата на заедницата на безбедносните и разузнавачките институции кај нас, кому му е доверена задачата да раководи со Агенцијата за разузнавање.

“Разбивајќи ги табуата во нашето општество, докажав дека Албанец , притоа и без партиска припадност , може да постигне високо ниво, да биде прифатен и почитуван во колективот, во национални и меѓународни рамки. Пионер сум во идејата и достигнувањето највисоко ниво на родова застапеност и еднаквост како и на раководно ниво во АР, како и во делот на етничка рамноправност давајќи простор на сите од етничките заедници застапени во нашето општество да бидат дел од АР”, пишува Муслиу во својата реакција.

После ова реагираше ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја кандидираше Гордана Силјановска-Давкова за претседател. Партијата на Мицкоски го обвинува Муслиу дека Агенцијата ја претворил во партиски штаб на СДС, за прогон, напад и пресметка со ВМРО-ДПМНЕ.

„Тешка манипулација е неговата одбрана со етничката припадност и дека тоа е можната причина за смена. Тоа е завесата позади која тој ја крие неговата неспособност, злоупотреби и партиска пристрасност“, се пишува меѓу другото во реакцијата на ДПМНЕ.