Незири: Ќе ги смениме министрите – Снопче: Врз Алијанса е направен пуч под водство на Груби

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Мнозинство за разрешување на министрите Меџити и Алиу има и ќе има нивна смена, тврди координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците Аднан Незири. Според него собирот кој вчера се одржа во Куманово со претседателот на партијата Таравари во кој присуствуваа 75 делегати од централното Собрание тврди дека е нелегитимен. И покрај ваквата изјава вели дека партијата не е поделена.

„Тој собир не беше легитимен и врз основа на Статутот и врз основа на нашите информации имаше помалку од 40 членови. Тој настан не беше Собрание зашто се знае врз основа на Статутот тоа може да го повика само претседателот на Собранието на партијата и има и рок нормално од 7 дена и ова е легално. И легално Собрание на Алијанса за Албанците ќе биде во сабота“, вели Аднан Незири.

Но Халил Снопче пратеник од Алијанса но приврзаник на Таравари вели дека се ова што се прави со предлогот за разрешувањето на министрите Меџити и Алиу е класичен пуч и дека партијата не побарала нивно разрешување. Одлуката на кадровската комисија не може да биде валидна вели тој бидејќи не е потврдена на партиските тела. Обвинува дека зад сето ова стои Артан Груби од ДУИ.

„Преку Артан Груби сакаат да направат пуч во партијата и очигледно имаат избрано еден вршител на должност претседател на таа група кој што е Артан Груби. Ние споделивме со медиумите дописот на Артан Груби со директорите вчера, значи ТВ21 го објави како им наредува да не примаат никаква наредба од министерот Меџити. Значи кадровска комисија не може да предлага до Владата, која кадровска комисија. Ингеренциите на таа комисија е само да може да предложи до претседателството на Алијанса за именување и разрешување на кадри. Нема никаква друга ингеренција, затоа велам пуч е извршен“, вели Халил Снопче.

Разрешувањето на министрите за здравство Фатмир Меџити и за информатично општество и администрација Азир Алиу се на собраниска седница, која иако беше закажана за 11 часот, започна два и пол часа подоцна. Иако беше најавено дека разрешувањето ќе биде прва точка на дневен ред, сепак седницата започна со дебата за други точки.