Затворени вратите на салата во Борис Трајковски. Полицијата и армијата го обезбедуваат пунктот за вакцинација иако три дена вакцинација против Ковид 19 нема да има. За разлика од другите денови нема реки од граѓани кои чекаат да се вакцинираат.
Пунктот за вакцинација Арената на Борис Трајковски вчера, денес и утре e затворен за вакцинирање против Ковид 19. Здравствените власти чекаат на нови дози на вакцини а пак пунктот за вакцинација повторно ќе биде отворен во понеделник.
Затекнавме еден граѓанин. Дошол да праша дали има вакцини „Астразенека“. Првата доза од вакцината „Астразенека“ ја примил во Србија, но втората доза не знае дали ќе може да ја прими во понеделник во салата Борис Трајковски.
Додека пунктовите во земјава се затворени граѓаните заминуваат за вакцинација во Србија. Еден македонски навивач на враќање од Букурешт отиде на вакцинација во Белград.
Според здравствените власти од Србија досега вакцинирале 22 илјади странски граѓани, околу 15 илјади се македонски граѓани.
„Денес на саемот ќе бидат вакцинирани 8 илјади странски граѓани утре 5 илјади а паралелно со тоа тече и вакцинацијата со првата доза на саемот исклучително за граѓаните на Република Србија, Босна и Херцеговина и Република Северна Македонија“, истакна Зоран Бекиќ, директор на пунктот во белградскиот саем.
Но колони од десетици автомобили можат да се забележат на граничниот премин Табановце, но за разлика од македонските граѓани, србите транзитираат за да одат на море во Грција.
Но министерот Филипче вели дека со објавување на нов сајт сите граѓани кои се вакцинирале во друга држава може да се ревакцинираат во Македонија.
„Секој кој е вакциниран во Србија може да се вакцинира и да се пријави кај матичниот лекар и да се внесе тој податок во системот Мој термин и ние многу веројатно в текот на следната недела ќе направиме нов сајт со цел сите вакцинирани на друго место на тој начин да се пријават во системот мој термин“, истакна Филипче.
Филипче прифаќа дека процесот на вакцинација е забавен бидејќи нема доволно вакцини. Но додава дека динаминката ќе се промени, кога ќе стигнат „Синовак“ од Кина и 100 илјади од „Фајзер“ преку ковакс-системот.
