Нападнал полицаец во еден локал во Градскиот парк во Скопје, по што бил уапсен. Станува збор за лице од Нигерија, со американски пасош, кое беше уапсено вчера во раните утрински часови. Според соопштението на полицијата, при претресот биле пронајдени оружје и муниција за кои немал дозвола.
„На 21.12.2025 година, во 04:30 часот, пред угостителски објект во Градскиот парк во Скопје, полициски службеници од СВР-Скопје го лишиле од слобода У.И.У. (37) од Нигерија (со американски пасош и лична карта), бидејќи физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени задачи. При претресот кај него биле пронајдени и одземени еден пиштол „Glock“, два шаржери и 30 куршуми, за кои не поседувал дозвола. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветна пријава“, велат од МВР.
Од Основното јавно обвинителство Скопје појаснуваат дека тој му нанел телесни повреди на полицаецот и потоа бил совладан.
„Откако било утврдено дека странскиот државјанин престојувал во хотел во Скопје, јавниот обвинител добил наредба за претрес и во собата во која престојувал осомничениот била пронајдена и поголема количина оружје и муниција – уште еден пиштол „Glock“, три шаржери со по 15 куршуми, 75 дополнителни куршуми во кеси, сет за чистење оружје, три ножеви, како и други предмети“, велат од ОЈО.
Јавниот обвинител побарал од судијата на претходна постапка да му определи мерка притвор на осомничениот, бидејќи постои реална опасност од бегство, можност за влијание врз постапката и прикривање докази, како и ризик од извршување на друго кривично дело.
За конкретниот случај побаравме одговор и од Министерството за надворешни работи, дали имаат информации за лицето и кои се причините за неговото доаѓање, но до ова издание на вестите не добивме одговор.
