Никој не ги довршува работите почнати пред избори – се жалат жителите на населбата Ужичка во Кичево

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пред последните локални избори почнаа градежните активности за реконструкција на улицата и водоводната мрежа во населбата Ужичка во Кичево. Беше раскопан патот, отворен водоводниот канал, но оттогаш не е преземено ништо повеќе! Жителите се жалат дека си ги уништуваат возилата и дека е опасно да пешачат по таква улица.

Во близина на железничката пруга има бетониран канал полн со вода и отпад од кој се шири непријатна реа. Месната заедница неколкупати побарала да се изнајде решение за овој проблем, но како што велат, надлежните не преземаат ништо.

Пред локалните избори што се одржаа во октомври, почна и реконструкцијата на водоводната мрежа.

Друг проблем со кој се соочува населбата е и отпадот. Мештаните велат дека никој не доаѓа да го собере и по месец дена.

За проблемот со отпадот низ градските населби и селата, се разговараше и на последната седница на Советот на општина Кичево. Советникот од редовите на ДУИ, Арѓенд Асани побара од општината план за отпадот во Зајас и целиот град.

Од Јавното претпријатие „Комуналец“ во однос на населбата Ужичка, за ТВ21 рекоа дека отпадот го собираат во предвиденото време, но како што додаваат, граѓаните го фрлаат надвор од контејнерите. Што се однесува до реконструкцијата на водоводната мрежа, велат дека не можеле да работат поради ниските температури и ветуваат дека од следната недела повторно ќе почнат со работа за покривање на каналот и реконструкција на патот.