Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, во емисијата „Бизнис 21“ на ТВ21 ги појасни групите граѓани кои се обврзани да го пријават и платат данокот на доход остварен во странство.
Петрова истакна дека првата група се лица кои живеат во Македонија, а работат за странски компании – фриленсери, ИТ-услуги и други интелектуални услуги. Тие се должни да го пријават доходот во УЈП, а доколку исплатувачот во странство веќе платил данок, граѓанинот може да користи даночен кредит со валидна документација.
Втората категорија се граѓаните кои привремено работат во странство, но го задржуваат живеалиштето во Македонија. Доколку престојуваат најмалку 183 дена во земјата, тие се сметаат за даночни резиденти и мора да го платат данокот тука.
Како трета категорија, Петрова ги посочи граѓаните кои живеат во странство. Доколку државата во која живеат нема договор со Македонија за одбегнување на двојно оданочување, тие не се сметаат за резиденти и немаат обврска кон УЈП. Но, доколку живеат во земја со која Македонија има склучен ваков договор, тогаш правилата за оданочување од меѓународниот договор имаат сила на закон и се применуваат во целост.
УЈП апелира граѓаните да се информираат навреме и да ги исполнат законските обврски за да избегнат казни и дополнителни задолжувања.
