На утрешните седници на Извршниот и на Централниот одбор треба да се констатира оставката на лидерот на СДСМ Зоран Заев по што ќе почне постапката за избор на претседател на партијата. Вицепремиерот кој е генерален секретар на СДСМ Љупчо Николовски не сакаше да коментира за тоа што ќе се случува утре. Но дали тој се гледа како кандидат кој би можел да ја преземе премиерската функција, децидно негира.
„И пред неколку месеци имаше непосреден избор на претседател на партијата, имаше само еден кандидат и доколку сега се одлучи да се отворат истите постапки верувајте дека ќе имаме целосно отворена транспарентна демократска постапка. Ако еве треба да одговорам во тој правец, не се гледам и нема да бидам еден од кандидатите“, посочи Љупчо Николовски.
Ниту министерот за внатрешни работи и потпретседател на СДСМ Оливер Спасовски се гледа како заменик на Заев. Тој во Утрински Брифинг рече дека не очекува да има многу кандидати, но и дека тој самиот не размислува да се кандидира за претседател на партијата.
„Не размислувам во овој момент воопшто“, вели Оливер Спасовски.
И министерката за образование Мила Царовска не открива многу, кој ќе го наследи Заев на Бихаќка. Вели самиот негов потег со оставката покажува ширина и тоа треба да се почитува.
„Некои одлуки во дадени моменти навистина покажуваат ширина и тоа е таа одлука. Тој го кажа својот став и тоа е негов став и треба да се почитува како таков. Навистина е многу значајно што е тоа што понатаму ќе се случува да во Собранието се обезбеди соодветното мнозинство за да оној западноевропски курс на државата се задржи, демократските процеси во државата да се задржат“, посочи Мила Царовска.
Вицепремиерот Артан Груби очекува дека ќе се почне постапката за избор на нов лидер на СДСМ.
„Јас верувам дека господин Заев ќе ја почне постапката за избор на нов претседател на СДСМ. Тоа е процес кој што не трае еден ден, туку ќе трае 1 месец и повеќе и до тогаш се надевам дека ќе имаме стабилно парламентарно мнозинство и ќе продолжиме со реформите, најпрво со усвојување на државниот буџет но и затворање на спорот со Бугарија“, додава Артан Груби.
Се очекува седниците на Централниот и Извршниот одбор да се одржат кој се закажани за утре да се одржат во текот на вечерта. Според партискиот статут одлуката за распишување избори ја носи Извршниот одбор најдоцна 15 дена откако ќе се констатира оставката. Лидерот се бира на непосредни избори, со тајно гласање на сите пријавени членови. Засега неофицијално се тврди дека идниот мандатар за состав на новата влада ќе биде заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски, кој е можно и да седне на лидерската фотелја во СДСМ.
